• среда, 18 декември 2024

„Тему“ под мониторинг на ЕК за онлајн продажба на илегални стоки 

„Тему“ под мониторинг на ЕК за онлајн продажба на илегални стоки 

Брисел, 12 октомври 2024 (МИА) – Европската комисијата побара од веб сајтот за електронска трговија „Тему“ да и достави детални информации за мерките што ги презел за спречување на продажбата на илегални производи и стоки преку неговата платформа. 

Дополнително, ЕК бара од „Тему“ и информации за преземените мерки за ублажување на ризиците поврзани со заштитата на потрошувачите, јавното здравје и благосостојбата на корисниците и заштитата на нивните лични податоци. 

На овие барања, упатени согласно одредбите на Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), „Тему“ е должен да даде одговори најдоцна до 21 октомври. 

Врз основа на проценката на одговорите на „Тему“, Комисијата ќе ги одреди своите следни чекори, кои би можеле да вклучат и формално отворање на постапка против веб страницата за непочитување на обврските што произлегуваат од ДСА.  

ЕК, исто така, може да изрече парични казни за давањето неточни, нецелосни или погрешни информации или за неодговарање на доставените барања. 

Согласно одредбите од Законот за дигитални услуги, „Тему“ доби статус на „многу голема онлајн платформа“ на 31 мај годинава, со што најдоцна до 8 овој месец требаше до ЕК да достави Извештај за проценка на ризиците од неговата работа, врз основа на кој се доставени барањата за дополнителни информации. 

Ова е второ барање за дополнителни информации од страна „Тему“, доставени од ЕК по она од 28 јуни, со кое беа побарани податоци за механизмите за известување и дејствување против продажбата на илегални производи преку оваа платформа, за спречување на т.н. „темни шеми“ за измами и наведување на корисниците, за заштита на малолетници, за неговата транспарентност, за контролата на онлајн трговците и за усогласеност на неговиот дизајн за законските барања. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан