• сабота, 23 ноември 2024

Се прават згради на место од куќи, па нема доволно паркиралишта, кој купува стан треба да купи и паркинг

Се прават згради на место од куќи, па нема доволно паркиралишта, кој купува стан треба да купи и паркинг

Тетово, 10 јуни 2023 (МИА) - Несоодветното урбанистичко планирање, изведбата на проектите за градба која не секогаш соодвествува со она што е ставено на хартија и тоа што подземните паркинзи не следуваат со купувањето на станот, туку дополнително им се нудат на станарите, се дел од причините за потоа да се создаде сообраќаен хаос во градовите.

Проблемот почнува при купувањето стан во нова зграда, каде треба да се купи и паркинг место во подземните катови, како непишано правило кога едно семејство обезбедува нов дом во речиси сите градови во државата. Но, едноставно кога некој нема доволно пари, не купува паркинг место, па паркира кај ќе најде, пред се на улиците, па дури и на несоодветни места. Така веќе се создава сообраќајниот хаос во градовите.

Поради овие состојби таква е сликата во некои делови од Тетово, како месната заедница „Борис Кидрич“. Таму е евидентно дека наместо куќите на еден или два ката, се прават повеќекатници, каде веќе зградите се една до друга, па нема многу места за надворешни паркинзи. На оваа состојба дополнително се надоврзува проблемот што подземните паркинг места инвеститорите не ги даваат заедно со купениот стан, туку дополнително им ги наплаќаат на купувачите.

Законите и правилниците одредуваат како да се изведат паркинзите, но според стручните лица во планската документација никој не го прави тоа најповолно, туку напротив како да се направи повеќе профит, а не според потребите на граѓаните и населеното место.

Во Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање на повеќе страници се опишува и предвидува како треба да се пристапи кон решението за потребниот број на паркинг места, нивниот вид, големина, изглед, пристапност и многу други елементи. Така, во членот 128 од Правилникот за видот на паркинг простори за моторни возила се вели дека овие паркиралишта се планираат во рамки на градежната парцела и може да се изведат во дворното место или во надземните и подземни спратови од градбата и парцелата. Исто така се вели дека јавни паркиралишта кои им служат на посетителите и корисниците на градбите, намените и институциите и се сместени во нивна непосредна близина. Понатаму, се вели дека овие паркиралишта се планираат на земјиште за општа употреба или во големите градежни парцели во состав на паркиралиштата.

Доколку се направи обиколка на зградите во овој дел од Тетово, забележително е дека се споени, една до друга, па се доведува до прашање колку се испочитувани правилата за паркиралишта на отворен простор.

Архитектот Бошко Видоески вели дека може да се разликуваат три степени, односно три „станици“ низ кои се доаѓа до ваков сообраќаен хаос. Првите две станици се погрешните потези кои се прават додека се планира на хартија, а третата на терен при изградбата.

-Првата станица, каде лежи и најголемиот проблем е урбанистичкото планирање. При изработката на планската документација никогаш не се планира оптимално, туку се планира според крајности: или се работи со најмалите пропишани минимуми доколку одреден плански параметар е уреден согласно минимуми (минимален број на паркинзи, минимална ширина на пристапни сообраќајници, мин. процент на зеленило, мин. растојанија од соседите или регулационите линии и сл.) или се работи со максимумите доколку одреден плански параметар се уредува согласно максимуми (макс. процент на изграденост и коефициент на искористеност, макс. висина, макс. ширина на објект, и сл.), иако регулативата овозможува нивна редукција доколку истата е неопходна за да се зачува јавниот интерес или за да се зачува целовитоста на планската регулатива од повисок ред - генералната или просторната. Секако, дури и ваквите крајности во плановите, често не се запазени и имаме случаи каде одредени критериуми од деталните планови не се во согласност со генералните планови или пак не се во согласност со регулативата. Ова, секако, се овозможува преку коруптивно поведение на оние кои учествуваат во постапките на изработка, контрола, носење и спроведување на планската регулатива. Втората станица која води до сообраќаен хаос е несреќната проектна документација. Во желбата да се профитира, голем дел од проектите се на граница на легалност: неретко излегуваат од пропишаните параметри во планот за конкретна градежна локација - некој преку коруптивно поведение тоа го овозможува, како што овозможува и дискутабилни постапки за измени на проектите и одобрението, со кои уште повеќе проектната документација „излегува“ од дадените рамки во урбанистичкиот план, појаснува м-р инж. арх. Бошко Видоески за МИА.

Третиот степен што доведува до хаос, односно третата станица, е самата изведба на објектите.

-Речиси никогаш оние десетина паркинг места кои биле планирани на нивото на приземје не се реализирале како такви - туку просторот наменет во проектите за паркирање, во реалноста станал летна бавча за угостителски објект, а предвиденото зеленило станало паркинг кој секако е помал од проектираниот. Сме добиле помалку паркинг места, нула зеленило, но овозможен е простор за закуп како летна бавча која генерира профит. Имаме ситуации каде се спојуваат неколку мали локали со цел да се добие еден поголем, кој прераснува во голем супермаркет. Таквиот супермаркет тешко дека може да задоволи локациски услови како што е пристап за товарни возила за дотур на роба (кај поголемите хипермаркети тоа мора да е преку подигната платформа за камиони) или паркинг места на ниво на приземје за купувачи. Општините ова никогаш не го земаат предвид и целосно го нормализирале спојувањето на мали локали во еден поголем без разлика дали намената на новопредвидениот простор исполнува локациски услови или не. Понатаму, подземните паркинг места не следуваат заедно со купениот стан, туку дополнително им се нудат на купувачите на станови кои можат да купат стан без да мораат да купат паркинг место, вели тој.

Оценува дека регулативата во тој аспект е млака и го дозволува тоа, иако строго пропишува дека бројот на проектирани станови не смее да е поголем од бројот на предвидени паркинг места - што само по себе е апсурд - бидејќи за чиј стан се обезбедува паркинг место ако купувачот непресретнат од законски обврски своеволно одлучи да не купи и во иднина да паркира на улица или тротоар?

- Решението би било соломонско: регулативата да пропише дека со секој стан мора да следува бесплатно паркинг место, со врзани имотни листови. Тоа секако би повлекло дополнителен раст на цената на квадратот, но подруго решение за таквата правна празнина која доведува до несреќната практика каде огромен процент од купувачите на станови не купуваат паркинг место, не постои. Во оваа трета станица која води кон хаос е и доградувањето на дополнителни станбени катови со кои зградата расте во висина, иако одобрението пропишало кат, два или три помалку. Градењето на згради со повисока станбена катност, различна од проектната документација врз која се издало одобрение за градење претставува криминал и инспекциите заедно со обвинителството мора да постапуваат согласно закон, постапки кои вклучуваат кривични пријави за прекршителите и недвосмислено рушење на дивите катови, оценува Видоески.

Маалата низ месната заедница „Борис Кидрич“, каде периодов најинтензивно се прават згради е големо подрачје од градот. Формира една голема територија од плоштадот кон пазарот, потоа кон касарната, долж улицата „Мирче Ацев“ па се до поштата, што исто така е дел од централното градско подрачје. Но ова големо подрачје само на едно место се пресекува со булевар (бул.„Благоја Тоска“) и една булеварска делница (бул. Видое Смилевски-Бато) додека останатите се двонасочни улици каде всушност се прават овие нови згради на место на постари куќи.

Од месната заедница велат дека на тој начин овие двонасочни улици сé повеќе се блокирани од паркирани возила поради немање доволно паркиралишта.

Општина Тетово на својата веб страница објави листа со 812 договори на дело за кои тврди дека се помеѓу физички лица и поранешната локална власт. Од таму велат дека ваквиот тренд на транспаре

-Состојбата е алармантна. Многу сопственици на куќи се решаваат наместо реновирање или имотна поделба, објектите да ги дадат за правање згради, па да добијат станови. Но, мслам дека несоодветно се решава паркирањето на возилата, бидејќи не гледаме празен простор помеѓу зградите за зеленило и паркиралишта. Се оди на решението паркиралишта да има во подземите катови. Овие паркинг места дури и не се даваат на сопствениците на станови, туку им се продаваат па затоа сметам дека нема доволно места за паркирање. Што прават дел од тие станари, едноставено бараат паркинг низ маалото, па ги оставаат возилата и каде ќе се снајдат, некогаш и на несоодветни места и така се јавува проблемот, вели Мирче Блажевски, претседател на месната заедница.

Иако дел од тие куќи навидум беа стари и можеби наградувале ликот на градот, тетовци велат дека новите висококатници иако го менуваат ликот на подобро, но суштината на секојдневието се повеќе е отежанато и проблематично. Наместо едно или неколку семејствата во една од тие куќи сега во зградите живеат многу повеќе луѓе. Квалитетот и начинот на животот воопшто се менува и не е истиот. Граѓаните велат, од толку многу згради сега не се ни гледаат околните планини.

-Едно време, од овде Шара се гледаше цела. Сега повеќе, не. Поминуваш понатаму на крстосницата на булеварот „Благоја Тоска со улица „Борис Кидрич“ и како да влегуваш во рерна. Нема ветре, да дојде од тамо накај нас. Има „ѕидини“ по цело Тетово па и овде. И до сега беше така, а од сега само бетер. Ја ѕиркам Шара, лево и десно од „ѕидините“, прекрасна како и постојано ама ете колку се гледа, само ако сликаш во „вис“. Барем нагоре е слободно, ни изјави Славица Богдановска, која живее во овој дел од градот.

Освен недоволниот број на паркинг места, населбата сега соочува и со другите инфраструктурни предизвици поради потребата за повеќе вода, канализација, зеленило, коловозни ленти.

- Треба да се прошири сообраќајната инфраструктура. Според мое мислење, посебно улицата „Борис Кидрич“. Таа има место каде да се прошири, тесно грло е. Тешко се излегува со возило од оваа наша населба. За малку пари може да се подобри состојбата, бидејќи има место за една нова коловозна лента да се продолжи улицата „Борис Кидрич“, сугерира претседателот на месната заедница, Блажевски.

До Општина Тетово се уште немаме добиено одговор, на прашањата дали по дадените одобренија за градба се вршат контроли во изградбата на згради за тоа колку се почитуваат Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање во однос на проектираните паркинг места како и изведувањето, градењето на тие паркинг места. Испратено беше и прашање доколку имало такви контроли какви налози или решенија се дадени до инвеститорите на зградите.

Александар Самарџиев

Фото: МИА архива

Остани поврзан