• среда, 20 ноември 2024

Сарафска за МИА: Во енергетската транзиција особено да се внимава на преквалификација на работната сила

Сарафска за МИА: Во енергетската транзиција особено да се внимава на преквалификација на работната сила

Скопје, 5 август 2023 (МИА) - Процесот на декарбонизација мора да започне навремено, но не на штета на локалното население. Тој процес треба да е економски безболен. Не смее да се дозволи семејства да останат на улица, а истовремено мора да се размислува и за заштитата на животната средина. Доколку стратешки правилно се размислува во насока на одржлива зелена економија, може да се создадат и нови работни места, без да се загрози егзистенцијалниот дел на граѓаните, вели за МИА Емилија Сарафска советник за енергетски системи и обновливи извори на енергија во Општина Битола. Таа е дел програмата за размена на Иницијативата за региони со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина. 

Но, за тоа, вели таа, неопходни се конкретни планови, работа на терен и пред се, навремено информирање на населението за самиот процес на праведна транзиција. Во целиот тој процес, посочува, неопходна е соработка помеѓу централната власт и локалната самоуправа.

Сарафска работела на проекти поврзани со енергетската ефикасност на подрачјето на триаголникот Битола-Корча-Кожани, тромеѓе на трите држави, при што направила споредба со какви проблеми се соочуваат соседните градови и држави во однос на производството на електрична енергија. Таа го следи процесот на праведна транзиција (Just Transition), во кој активно треба да учествуваат најпогодените региони со јаглен (Битола и Кичево), со цел транзицијата да биде изведена според потребите на локалното население и локалните состојби.

Обврските што ги има преземено Северна Македонија во делот на декарбонизација, односно намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата предвидуваат во наредниот период да се затворат термоелектраните и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергетскиот сектор, процес кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.

-Државава е потписничка на Спогодбата за Енергетска заедница, а следејќи ја амбицијата за декарбонизирана економија до 2050 година и заложбите на земјите да се ослободат од употребата на јаглен, државите се обидуваат да ја зачуваат економската стабилност на нивните региони каде се ископува јаглен, кои ќе бидат најпогодени од исфрлувањето на јагленот како енергенс, што се очекува да биде најдоцна до 2040 година, вели Сарафска. 

Засега процесот на декарбонизација сведен на изработка на стратегии

Сарафска во разговор за МИА вели дека во моментов процесот на декарбонизација се сведува на ниво на изработка на стратегии, програми или одредени документи. 

-Амбициозен е планот за напуштање на лигнитот во РЕК Битола, а новата енергетска криза очигледно ќе го продолжи зацртаниот рок. Она што е најважно во процесот на праведна транзиција, барем во Битолскиот регион е дека таа треба и мора најпрво да тргне од потребите на локалната заедница, конкретно од потребите на општина Битола како регион со јаглен, да ги препознае состојбите и да обезбеди суштински придобивки од транзицијата кон зелена економија со посебна поддршка кон ризичните категории во процесот, пред се на финансиски план, оценува Сарафска.

Осврнувајќи се на тоа дека општина Битола е дел од програмата за размена на региони со јаглен на Иницијативата за региони со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина, таа вели дека таа иницијатива како проект во апликативна форма пристигнал во МАНУ и оттаму ја контактирале општина Битола како носечки партнер.

- Откако ги подготвивме материјалите за аплицирање со свои предлози, апликацијата беше испратена, по што добивме известување дека е одобрена од страна на ЕУ. Секој проект, иницијатива, кој што значи размена на искуства во процесот на транзиција во регионите со јаглен е добредојден за општина Битола, бидејќи важноста на процесот на праведната транзиција за Македонија, а посебно за Битола, како од економски, енергетски, така и од аспект на заштита на животната средина и обезбедување соодветна заштита на населението од општината е од клучно значење, оценува таа.

Нагласува дека енергетската транзиција е процес од кој нема враќање назад и оти мора да се бараат решенија што ќе ги движат работите, при тоа употребувајќи одржливи и зелени извори на енергија.

- Примената и користењето на одржливите и зелени извори на енергија би имала огромно влијание врз квалитетот на живот на населението. Во таа насока, општина Битола веќе е во процес на јавни набавки за поставување на фотоволтаици на дел од јавните објекти, за првпат се субвенционираа колективни приватни згради постари од 30 години за поставување на енергетски ефикасни фасади, а можноста за побрзо издавање на потребната документација му овозможи на приватниот бизнис сектор исто така да се ориентира кон обновливи извори на енергија. Како доказ се поднесениот голем број на барања до општината, за поставување на фотоволтаици од страна на правни лица. Оттука, како општина, важно е да го поддржиме овој процес, во кој индивидуално и колективно ќе ја зголемуваме свесноста од потребите за одржливи и зелени извори на енергија, со цел нивно поскоро имплементирање во секојдневните активности на жителите на општината, посочува Сарафска.

Таа од Иницијативата очекува конкретни придобивки за граѓаните, како на Битола и околните општини Новаци и Могила, потоа на жителите на Кичево, но и цела држава.

-Новите транзициони чекори треба да донесат поквалитетен живот на нашите сограѓани. Директните и непосредни контакти, во рамките на одржаните размени, им дадоа можност на учесниците да имаат прилика да ги истражат искуствата на нивните соседи, да учат едни од други, а паралелно на тоа да го пренесеме знаењето за придвижување кон транзиција со чиста енергија, земајќи ги предвид барањата и потребите на сите жители и чинители во процесот на праведна транзиција во битолскиот регион, оставајќи го јагленот како енергенс кој што треба да замине во историјата. Од проектот Иницијативата за региони сo јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина, како општина очекуваме дека искуствата кои што се разменија помеѓу учесниците и релевантните институции од двете соседни држави, како и размената на научните искуства и достигнувањата кои се однесуваат на процесот на напуштање на јагленот, ќе помогнат особено во овој регион, во кој од двете страни на границата, јагленот е основниот елемент за производство на електрична енергија, вели таа.

Процесот на транзиција не смее да ја загрози егзистенцијата на работниците

Се согласува дека префрлувањето од јаглен на друг извор на енергија е тежок процес и оти бара свои жртви, а дополнително на тоа, вели, тој треба да биде економски безболен и без затворање на работни места. Таа препорачува преквалификација на работната сила, со цел работниците да не го почувствуваат процесот на транзиција.

-Тука, она што македонската страна треба да го искористи како искуство од размената на регионите, во конкретниот случај со соседна Грција, е да се внимава на процесот на праведна транзиција во однос на работните места. Примерот со соседна Грција значеше напуштање на јагленот во термоелектраните, но паралелно со тоа и создавање на голем број невработени лица, кои понатаму за својата егзистенција го напуштаа регионот. Економската криза и кризата за енергенси, повторно ги врати термоелектраните во Грција, но овој пат за нив беше навистина тешко да најдат лица кои ќе работат во рудниците и термоелектраните. Оттука, особено овој пример, треба да ни послужи како искуство дека навремено треба да размислуваме за процесот на напуштање на јагленот, но водејќи сметка за преквалификација на работната сила, за изнаоѓање алтернативни решенија за работниците, кои не смеат да го почувствуваат процесот на транзиција, загрозувајќи ја егзистенцијата на нивните семејства, оценува Сарафска. 

Токму затоа, додава, процесот на праведна транзиција мора да биде осмислен, раководен од структури кои што ги познаваат состојбите на терен, а не од лица кои што ќе ја спроведуваат реформата од канцеларии, процесот мора да ги вклучи и локалните чинители, во конкретниот случај и општина Битола, бидејќи голем дел од вработените во РЕК Битола се од таа општина. 

-Не е во ред процесот на транзиција да се сведе на голем број реализирани проекти во државата, а во Битолскиот регион процесот да биде сведен само на термоцентралата РЕК Битола, без можност за спроведување на одржливи решенија, кои би ги надминале моменталните проблеми од повеќе аспекти. Напротив, тоа треба да биде добро координиран паралелен процес со соодветна реална динамика, процес кој треба да започне со имплементација на нови современи техничко технолошки решенија и голем број имплементирани проекти преку кои ќе се креираат нови работни места во Битолскиот регион и регионот постепено ќе се претвори во регион во кој ќе се произведува и складира чиста енергија и ќе се трансформира во современ културен, туристички и инфраструктурно развиен едукативен центар, оценува Сарафска.

Финансиите еден од поважните фактори, земјава не е членка на ЕУ и нема директен фонд

Сарафска во разговор за МИА посочува дека секако еден од поважните фактори во целиот овој процес се финансиските средства. Таа нагласува дека Северна Македонија не е членка на ЕУ и поради тоа нема директен фонд, како на пример соседна Грција за реализација на овој процес.

-Така што и тоа искуство од Иницијативата за размена на региони е многу важно, бидејќи не влегуваме исто во овој процес, кога финансиската разлика е огромна. Финансиската поддршка е клучна во процесот на праведна транзиција, а во овој поглед нашата држава заостанува, нагласува Сарафска.

Таа се осврна на Годишниот состанок на Иницијативата што се одржа неодамна во Брисел, кадешто секој регион од свој аспект посочил како ја реализирал размената и кои се придобивките од тоа. 

-Мора да се нагласи дека секое искуство е засебно, бидејќи, на пример, во Полска се соочуваат со други проблеми во процесот на напуштање на јагленот, за разлика од Македонија. Беа искажани позитивни искуства од балканскиот регион на градови и градоначалници, кои веќе го започнале процесот на транзиција со свои иницијативи и конкретни преземени чекори, без да дозволат нивните сограѓани да се соочат со негативните последици од невработеност, вели Сарафска, додавајќи дека државава на тој состанок била позитивно оценета од страна на меѓународниот фактор во однос на процесите на транзиција со јаглен, а особено беше издвоена новата соларна централа на местото на рудникот за јаглен во Осломеј, Кичево. 

-Во план е нова и во РЕК Битола, но од особена важност за Битолскиот регион е да има соработка меѓу централната власт и локалната самоуправа во рамките на овој процес. Учеството во Брисел на општина Битола, со свој претставник во Иницијативата за региони, верувам дека ќе донесе и до поголема меѓународна помош како гарант за тоа дека процесот на транзиција ќе биде фер и праведен за нашиот регион. Битолскиот регион е жив и има потенцијал да го води и има потенцијал да го води процесот на транзиција базиран на научна основа со квалитетно изготвена подготовка и динамика согласно реалните услови и потреби и која ќе биде праведна и фер. За нас како општина, многу е важна поддршката од меѓународниот фактор и Европската Унија, а наша цел е процесот на транзиција во Македонија да се води од Национален центар за транзиција со седиште во Битола, бидејќи битолскиот регион, заедно со соседните општини, се најзагрозените во процесот на транзицијата. Значајно е да се избере сценарио по кое би се одвивала транзицијата, земајќи ги во предвид потребите на локалното население, паралелно преземајќи мерки за заштита на животната средина, посебно во делот на производство на електрична енергија и при тоа значително да се инвестира во нашата општина, вели таа.

Претходно, во Брисел во повеќе наврати се разговараше за состојбата со праведна транзиција во Битолскиот регион. Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски, се сретнаа со претставници на Генералниот директорат за регионална и урбана политика во Европската комисија во Брисел, при што ги запознаа со приоритетните проекти на локалната самоуправа во делот на економскиот развој, подготовките за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти во услови на енергетска криза, со посебен акцент на воспитно - образовните институции. При посетата на одделот за Енергетска ефикасност при Генералниот директорат за енергија на Европската комисија DG ENER, беа презентирани досегашните активности и достигнувања на проектот за „Подобрување на енергетската ефикасност во згради - БЕНЕФИТ“, а се покажа интерес за идна соработка со ГД за енергија. Коњановски и Димитровски, на состанокот со претставници на ГД за проширување и соседска политика на ЕУ (DG NEAR), добија поддршка за повеќе тековни проекти, меѓу кои и изградбата на пречистителната станица, како и проектот „EU for Clean Air“, кој треба наскоро да почне со реализација, а Битола е дел од општините вклучени во овој проект, насочен кон подобрување на квалитетот на воздухот.

Исто така, информира таа, беа разгледани и можностите за аплицирање на Битола, како општина која ги исполнува условите и критериумите за поддршка на проекти од програмата „Јust transition“. Делегација од општина Битола беше дел и од „Европската недела на одржлива енергија во Брисел“, најголем настан на ЕК посветен на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, каде што во фокусот беа ставени енергетската ефикасност и можностите за финансирање на проекти од таа област. Општина Битола во континуитет е присутна на важни настани во Брисел, поврзани со процесот на Праведна транзиција, со заложба регионот да биде активно вклучен во процесот.

Посочува и дека на работилницата организирана од Иницијативата во Скопје, како панелист на Секретаријатот за европски прашања, потенцирала зошто праведната транзиција треба да се движи оддолу-нагоре, односно да тргне од потребите на локалната заедница, конкретно од потребите на општина Битола како регион со јаглен, да ги препознае состојбите и да обезбеди суштински придобивки од транзицијата кон зелена економија со посебна поддршка кон ризичните категории во процесот, пред се на финансиски план.

-Главните поволности од работилницата се однесуваа на новите можности и сознанија за праведната транзиција, како и за состојбата во земјата во однос на производство и користење на електрична енергија од обновливи извори, но и капацитетите на македонскиот енергетски систем за вклучување на ваквите процеси. Како главен заклучок од страна на претставникот на Секретаријатот на Иницијативата за региони со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина и македонскиот носител во проектот МАНУ е дека Иницијативата ја постигна својата цел на размена на искуства, но дека е потребна нова форма на продолжување на соработката, во која регионите повторно заеднички ќе изнајдат начин за продлабочување на соработката и конкретните искуства, со цел навремено и што побезболно да се реализира процесот на декарбонизација, една од главните цели на Европската Унија, посочи таа.

Сарафска за МИА говори и за нејзините искуства како дел од програмата за размена што се организира како дел од Иницијативата, во соседна Грција. 

- Програмата за размена ни овозможи, заеднички да ги согледаме процесите на регионите со јаглен во транзиција во Битолскиот регион и во регионот на Флорина во соседна Грција. Првата средба во размената на региони се одржа во Битола, траеше три дена, а на средбата во рамките на првиот ден учествуваа претставници од неколку институции во државата и три општини засегнати од посочената проблематика, општина Битола, општина Новаци и општина Кичево, како и претставници од соседна Грција и од делегацијата на ЕУ. Учесниците во проектот го посетија и РЕК Битола, како и рудникот Суводол. На средбата во Грција, во градот Флорина, покрај средбите со претставниците на Регионалната стопанска комора, кои имаа важна улога во пренесувањето на искуства од грчка страна за тоа како бизнис секторот ја одигра својата улога во транзициониот процес, беше реализирана посета на рудникот Ахлада и термоелектраната Мелити. Токму овде ги споредивме практичните состојби на терен, во однос на тоа што значи процесот на Праведна транзиција и придобивката од реализација на Иницијативата за региони со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина, рече таа.

Таа наведе и други проекти што ги реализира Општина Битола во процесот на транзиција, финансирани од ЕУ, кои имаат зелена агенда, а веќе се реализирани -  Benefit, Green-Inter-e-Mobility, Biofoss. 

- Општина Битола е единствената во државата, која е потписник на Декларацијата за чисти региони на иницијатива на Секретаријатот на Енергетската заедница, во кој учествуваат 10 градови од Балканот и каде што јас сум координатор за овој процес (CARI – Clean Air Regions Initiative). Токму како дел од оваа иницијатива, учествував на Вториот Форум за праведна транзиција на енергетската заедница во Сараево, каде општина Битола беше единствен претставник на општини од земјава, со посебен акцент на учеството во однос на транзициониот процес, како и со посебен акцент на земањето во предвид на потребите на општината и локалното население во однос на новата енергетска реалност во процесот на декарбонизација и зачувување на животната средина, истакна Сарафска.

Минатиот месец во Вашингтон се одржа конференција „Западен Балкан: Трансатланска и регионална соработка – градење силни сојузи“, на која министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање кажа дека и покрај енергетската криза што ја зафати не само Северна Македонија, туку и целиот свет, развојот и инвестициите во енергетскиот сектор се еден од главните приоритети на Владата, со главна цел обезбедување одржливо снабдување со енергија, како и придвижување кон зелена економија. 

-Во изминатите неколку години Владата направи неколку реформи во енергетскиот сектор со што започнавме процес на декарбонизација, кажа Бектеши на панелот „Енергетска диверзификација: Кон европската енергетска независност“, на која се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во процесот на декарбонизација и промоција на обновливи извори на енергија. 

Тој тогаш кажа дека Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница, која изработи Национален план за енергија и клима, кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност. 

Кажа и дека декарбонизацијата е и еден од главните столбови на националната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и оти зависноста на земјата од увоз на природен гас, како и од повеќето горива, го прави сценариото за декарбонизација значително ранливо на превирањата на пазарите за јаглен, нафта, природен гас и електрична енергија, предизвикани од руската инвазија на Украина.

Потсети дека како обрски кои ги има преземено Северна Македонија во делот на декарбонизација предвидуваат во наредниот период да за затворат термоелектраните и со тоа да се стопира производството на електрична енергија од јаглен, да се зголеми учеството на обновливите извори во енергеткиот сектор, процес кој веќе е започнат со инвестиции во фотонапонски централи, како и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Приватна архива

 

Остани поврзан