• понеделник, 23 декември 2024

МИА анализа: Една година од кризата во Украина, нема суштински поместувања во делот на проширување, ниту јасна визија на ЕУ за процесот

МИА анализа: Една година од кризата во Украина, нема суштински поместувања во делот на проширување, ниту јасна визија на ЕУ за процесот

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - И покрај ургентноста на моментот со војната во Украина кој што наводно пред година дена се очекуваше да го забрза процесот, нема суштински поместувања во делот на проширување. ЕУ нема единствена визија за проширувањето, а нема ни интерес кај земите-членки за процесот ниту за дефинирање на некакви рокови за ново проширување, оценуваат во анализата за МИА по повод Денот на победата над фашизмот - 9 Мај Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис и Андреја Стојковски од „Преспа“ - Институтот.

Трошановски на прашањето дали ЕУ има јасна визија и политика за проширување истакнува дека единствена визија на ЕУ околу концептот на проширување, за жал, се уште не постои. Тој додава дека има повеќе варијанти кои што на проширувањето гледаат од перспектива на целосно членство на рамномерност со постоечките евро-членки, на етапно, фазно зачленување во ЕУ, на Европа во повеќе брзини со тоа што новите членки би немале политичка моќ како и старите членки итн.

-Оттука единствен модел на проширување на ЕУ засега можеме да кажеме дека не постои, дополнително принципот на едногласност во носењето на одлуки целосно го уништува кредибилетот на европската методологија за проширување, наметнувајќи како во случајост со Македонија билатерални прашања како критериум за исполнетост на Копенхашките критериуми. Дополнително видовме дека се направи една алијанса на посилините земји-членки кои што се за отфрлање на едногласноста и воведување на принципот на квалификувано мнозинство во носењето на одлуки, што секако значително ќе ја направи поефикасна рамката на проширување, но засега сме прилично далеку од тоа. Така да, за жал, сега не гледаме целосна посветеност и покрај ургентноста на моментот со војната во Украина кој што наводно пред година дена се очекуваше да го забрза процесот, сепак гледаме мали поместување, но не и некакви суштински супстанцијални поместувања во делот на проширување. Се уште Србија, БиХ и Црна Гора се заглавени. Босна само што доби кандидатски статус. Ние веројатно ќе го паузираме отпочнувањето на втората фаза од почетокот на преговорите, вели Трошановски.

Според Стојковски, ако се направи споредба на процесот на проширување до 2013 и како се одвива политиката на проширување од таа година до денес, евидентно е дека постои јасна дистинкција на визија или очекувања од тоа дека треба да се справат од напливот на нови држави, од нивните аспирации да бидат демократизирани низ процес на пристапување со сосема непостоечка или многу слаба поликата на проширување во овој момент, односно во овие последни 10 години. 

-Во неколку наврати во минатото ЕУ јасно стави до знаење кога се очекува проширување, како ќе тече проширувањето, што ќе се случува. Не сме ниту ние самите за оправдување, државите во регионот, вклучувајќи не и нас, затоа што долго време имаше целосна стагнација и затоа се очекуваше дека новата методологија треба да го обезбеди таквото проширување, меѓутоа не гледаме некаков посериозен интерес на запад кога станува збор за државите од проширувањето. Единствено нешто што може да не охрабри дека можеби ќе има забрзување, некаква појасна визија за проширувањето е повторно некаков нов наплив на држави кои што бараат пристапување во ЕУ - кризата во Украина и процесите кои започнаа благодарение на кризата во Украина. Тоа може да го забрза процесот, меѓутоа, ниту за тоа нема доволно гаранции. Затоа што, повторно, нема ниту една држава која што сериозно ќе се зафати со политиката на проширување и ќе направи да биде тоа нејзина политика, нагласува Стојковски. 

Северна Македонија си зададе за цел 2030 година како конечен датум за стапување во полноправно членство во ЕУ, а беше изразено и очекување Брисел да одреди датум за следниот бран на проширување. За тоа колку е ова остварливо, дали има таков интерес меѓу членките на ЕУ и двајцата аналитичари го делат ставот дека тоа поволно ќе влијае на реформските процеси, но дека не гледаат интерес кај земите-членки за дефинирање на некакви рокови за процесот.

-Што се однесува до датум секако тоа е нешто што сите земји-кандидати го посакуваат и на кое инсистираат датум кој што врз основа на објективни, строги и мерливи критериуми ќе биде краен рок во кој што земјите би влегле во ЕУ доколу ги исполнуваат овие објективни ктитериуми. Тоа нам ни одговара бидеќи ќе ги мотивира и луѓето, а и администрацијата и ќе ја зголеми поддршката на јавното мислење за ЕУ во самите земји бидејќи ќе има некаква догледна, видлива перспектива. За жал, тоа е нешто што апсолутно гледаме дека не проаѓа и нема шанси според мене, да се прифати од земјите-членки кои што гледаат на проширувањето како на жежок костен кој што не сакаат да го земат в рака, а небаре и одреден број на земји членки, мислам дека им е во интерес да го одложуваат проширувањето низ некакви нејасни критериуми и временски рамки, оценува Трошановски.

Лидерите на земјите-членки на Европската унија денеска на самит во Брисел ќе разговараат за војната во Украина, енергетската криза и зајакнувањето на одбранбените капацитети на Унијата.

Стојковски вели дека во моментов се развиваат некакви, условно кажано, мини блокови, коалиции помеѓу државите-членки кои што се застапуваат за различни прашања и дека ова е исклучително поволен период за такви мали коалиции, особено за коалиција кога станува збор за следниот бран на проширување.

-Во моментов имаме неколку држави-кандидатки и неколку држави за кои што е препорачано отворање на преговори. Унијата би требало, за да си ја олесни на себе си работата, за во иднина да одреди кога би можело да се очекува пристапување на овие држави и при тоа да се погрижи процесот да тече така. Ако Комисијата, а и државите-членки, односно Франција како задоволна од новата методологија која произлезе на нивно барање, а тврди дека таа дава можност за забрзана интеграција во одредени сектори, дава можност за политичко водење на процесот, кој што може да биде и побрз и побавен во зависност од тоа како државите се однесуваат во реформскиот процес, тогаш би можело да се очекува дека тоа може да се употреби буквално за да се забрза процедурата. Сега треба да се создаде таква група која што ќе продолжи да се застапува, вели Стојковски.

Има многу кои што зборуваат за тоа дека треба државава да стане членка на ЕУ, но, нагласува тој, сега е шансата тоа да го покажат на дело со конкретна поддршка на ваквиот термин. Тоа нема да значи ништо, односно нема да значи ветување од кое што ЕУ не може да побегне, заради тоа што од нас ќе зависи колку ние ќе бидеме подготвени за членство. Но добро е да го сторат тоа, затоа што ќе им даде јасна визија, посочува Стојковски. 

Тој е оптимист дека е можно усвојување на уставните амандмани до ноември и дека согласно стандарот на ЕК за водење преговори би можело во 2030 да станеме членка на ЕУ, а тоа е вели и датумот кога завршува актуелната финансиска рамка на ЕУ,  (2024 - 2030) и кога ќе почне да се планира, односно да се применува новиот седумгодишен финансиски план „и добро е Македонија да стане членка токму во тој момент“.       

На 1 јуни во Кишињев, Молдавија закажан е вториот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ) - иницирана од францускиот претседател Макрон, која претставува политичка платформа за дијалог и соработка на европските земји од целиот континент за решавање прашања од заеднички интерес како стабилност, безбедност, климатски промени, енергетика. 

null

-Тоа е многу врева за нешто што досега не заслужило да се разговара за него, дециден е Трошановски прашан за корелациите на оваа нова политичка плтаформа со процесот на проширување. 

Стојковски, пак, смета дека ЕПЗ може да биде добар механизам за дополнителен притисок врз државите-членки на ЕУ, од страна на државите кои не се членки на Унијата, кои треба да инсистираат на тоа дека ЕПЗ може да биде само начин на размена на мислења, ставови и соработка помеѓу државите во Европа, а не и половично членство за оние кое што се надвор од кругот.

ЕУ на самитот во јуни 2022 година им додели на Украина и Молдавија статус на кандидати за членство во Унијата, а за Грузија предуслов за добивање на кандидатскиот статус е реализацијата на реформи. Северна Македонија и Албанија ја одржаа првата меѓувладина конференција со ЕУ на 19 јули 2022 година. Во Северна Македонија тече скрининг процесот, но отворањето на кластерите е условено со уставните измени. Кандидатски статус во декември, лани доби и БиХ. Последната земја која стана членка на ЕУ беше Хрватска во 2013 година. 

Виолета Геров

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан