• сабота, 16 ноември 2024

Тежок изборен пораз за владата на Маурициус

Тежок изборен пораз за владата на Маурициус

Порт Луис, 11 ноември 2024 (МИА) – Премиерот на Маурициус, Правинд Кумар Југнаут денеска го призна поразот на парламентарните избори одржани викендов и рече дека ќе и ја предаде власта на Алијансата за промени.

Југнаут, лидер на Алијансата Лепеп (Народна алијанса) го призна поразот и рече дека жителите на островската држава во Индискиот Океан се одлучиле за друг тим.

Победата на Алијансата за промени стана јасна набргу по објавувањето на првичните резултати од страна на изборната комисија.

Нејзиниот лидер, Навин Рамгулам, најверојатно ќе се врати на функцијата уште пет години, откако двапати беше премиер, од 1995 во 2000 година и повторно меѓу 2005 и 2014 година.

Набљудувачите го припишаа поразот на Југнаут на скандалот со прислушувањето што го потресе премиерот и неговиот кабинет пред изборите, во кој на социјалните мрежи беа емитувани незаконски снимени размени меѓу политичари, бизнисмени, новинари и претставници на граѓанското општество.

Маурициус, кој се наоѓа на исток од Мадагаскар, има население од околу 1,26 милиони жители. Островот привлече 1,31 милиони туристи во 12-те месеци до јуни 2024 година. Финансиските услуги и извозот на риба, шеќер и облека се други главни придонесувачи во неговата економија. јт/

Остани поврзан