Тајлер Пери со критики до осигурителните компании што ги откажаа полисите пред шумските пожари
- Тој, имено, се сомнева дека компаниите одеднаш ги откажале полисите, оставајќи ги луѓето кои плаќале осигурување цел живот без ништо.
Лос Анџелес, 13 јануари 2025 (МИА) - Глумецот и кинопродуцент Тајлер Пери ги прозва осигурителните компании поради сомнителните одлуки што ги донеле пред шумските пожари во Лос Анџелес што оставија уништени илјадници домови.
Поради пожарите, околу 180.000 жители на американската метропола мораа да ги напуштат своите домови за да се засолнат на побезбедни места. И неколку познати личности го загубија својот дом, додека и многумина други им помагаат на оние кои претрпеле штети и загуби.
„Гледајќи една ќерка како со градинарско црево се обидува да го заштити домот на нејзините 90-годишни родители затоа што нивното осигурување е откажано, просто ми ги превртува цревата. Дали на некој друг му е ужасно тоа што осигурителните компании можат да земаат милијарди долари од заедниците со години и потоа, одеднаш, да им биде дозволено да откажат милиони полиси за луѓето со кои се збогатија?“, напиша Пери.
Тој, имено, се сомнева дека компаниите одеднаш ги откажале полисите, оставајќи ги луѓето кои плаќале осигурување цел живот без ништо.
„Луѓето остануваат без ништо поради чиста алчност... Додека се обидувам да сфатам кои чекори да ги преземам за да направам сѐ што можам за да помогнам колку што можам повеќе, јас се молам за сите“, додава тој.
Многу од следачите, како и други познати личности, прашуваат како е ова легално?
Според „Лос Анџелес тајмс“, осигурителната компанија „Стејт фар џенерал иншуранс“ во март 2024 година објавила дека нема да обнови 30.000 полиси за домови и станови откако ќе истечат. Над 1.600 од засегнатите живеалишта биле во Пасифик Палисејдс - една од најтешко погодените населби од пожарите. Слично, „Чаб иншуранс“, „Олстејт“ „Токио марин Америка“ и „Транс Пасифик“ веќе не обезбедуваат полиси за Калифорнија.
Додека овие осигурителни компании избраа да ги прекинат своите полиси, „Меркјури иншуранс“ им се ставија на услуга на своите поранешни клиенти. си/сд/
Фото: ЕПА