• понеделник, 23 декември 2024

Тачи со новиот шеф на ЕУ во Приштина: Брисел е единствената ориентација на Косово

Тачи со новиот шеф на ЕУ во Приштина: Брисел е единствената ориентација на Косово

Приштина, 4 септември 2020 (МИА)  Косовскиот претседател Хашим Тачи го прими денеска во протоколарна посета новиот шеф на канцеларијата на Европската унија во Косово

Томаш Суниог, кој од 1 септември застана на чело на претставништвото на Брисел во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти кабинетот на Тачи, тој на новиот шеф на канцеларијата на ЕУ во Приштина му посака добредојде и ја нагласи заложбата на сите косовски институции за, како што рече, непрекината работа во правец на зачленувањето на Косово во ЕУ.

- Косово има една единствена ориентација, а тоа е зачленувањето во ЕУ. Постигнато е многу, но останува уште многу да се сработи, се цитира Тачи во соопштението по средбата со Суниог.

Косовскиот претседател му ветил на чешкиот дипломат, кој во наредниот четиригодишен мандат ќе го води европското претставништво во земјата, дека ќе има целосна поддршка од институциите на Косово во реализацијата на проектите кои го приближуваат Косово кон Унијата.

- Суниог изрази задоволство поради именувањето на новата должност и го информира косовскиот претседател за новите проекти на ЕУ, посебно во правец на надминување на економската криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, се наведува во соопштението.

Во авторски текст по стапувањето на новата должност, кој го пренесоа медиумите во Приштина, Суниог порача дека „ЕУ е најдобриот инвеститор, донатор и трговски партнер на Косово“ и вети дека ќе се залага за што поскоро укинување на визите за косовските граѓани. Воедно го поздрави обновувањето на косовско-српскиот дијалог со посредство на ЕУ и на нејзиниот специјален претставник Мирослав Лајчак.

Суниог на почетокот на овој месец го презеде водењето на претставништвото на ЕУ во Косово од бугарската дипломатка Наталија Апостолова, која беше на таа должност од 20 јули 2016 година. иа/

Остани поврзан