• четврток, 21 ноември 2024

Таткото на Енцо Фернандез: Мојот син не е расист, тоа е наш фудбалски фолклор

Таткото на Енцо Фернандез: Мојот син не е расист, тоа е наш фудбалски фолклор

Буенос Аирес, 18 јули 2024 (МИА) - Раул Фернандез, таткото на играчот од средниот ред на Челси, Енцо, тврди дека аргентинскиот првотимец не е расист.

Неговиот син сними „лајв“ на Инстаграм во кој се слуша како тој и неговите колеги од репрезентацијата пеат песна со расистички текст против играчите на француската репрезентација. Иако се обиде да ги отстрани трагите и набрзо се извини, тој чин не беше разбран ниту од Фудбалскиот сојуз на Франција, ниту од управата или неговите соиграчи од лондонскиот клуб.

-Знам каков е мојот син, не е таков каков што го прикажуваат. На Европејците им е тешко да го разберат нашиот фудбалски фолклор. Снимаше „во живо“ во несоодветен момент, не ни разбираше што всушност се пее, тврди таткото Раул за „Депортес аргентос“.

Тој додаде дека тоа не е особено коректно поради начинот на кој ривалите на Аргентина се однесуваа кон играчите на „албиселесте“ во претходните изданија на Светското првенство.

-Кога Германија не победи во финалето во 2014 година, тие го имитираа одењето на „гаучосите“ и се однесуваа како да сме неуки. Французите се исмејуваа со висината на Меси во 2018. Никогаш не се жалевме кога не дискриминираа, потенцираше таткото на Енцо Фернандез.

Контроверзното видео е направено во автобусот за време на возењето по победата на Аргентина над Колумбија во финалето на Копа Америка во Мајами. дс

Фото: Архива

Остани поврзан