• понеделник, 23 декември 2024

Тасевски: Нападнати вработени во контролата за летање

Тасевски: Нападнати вработени во контролата за летање

Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) – Во објектот на контрола на летање на М-НАВ денеска биле нападнати вработени во контролата за летање. Како што објави на својот Фејсбук профил претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, случајот е пријавен во полициска станица Петровец, а запознаени и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи.

- Во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи, напиша тој на Фејсбук.

Според Тасевски, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето. 

- Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија ѝ е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, наведува тој.

Овој акт на насилство, како што дополнува, не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата. 

Нападот се случи по денешната прес-конференција на Тасевски во која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.

Тасевски на прес-конференција рече дека вчера телефонски бил повикан во Секторот за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи и му била презентирна пријава од страна на двајца од тројцата директори во М-НАВ, Фахрудин Хамиди и Фасим Деари. Тие поднеле кривична пријава против него, како што рече, врз база на доставена електронска порака поради „наводно чувствување загрозеност на нивната животна сигурност“ по член 144 став два од Кривичниот законик.  

- Најодговорно тврдам дека содржината тој мејл нема никакви ставки кои асоцираат на закани и живтозагрозувачки информации. Сметам дека тенденциозно се интерпретира погрешно и намерно во таа насока, за да може да се искористат против мене како претседател на Синдикат, како вид на притисок, со намера да се откажеме од нашите активности, преку мене и до Синдикатот на контролорите на летање, а воедно со самото тоа и до сите професионалци кои во изминатиот период покажаа доблест, се дрзнаа да го кренат гласот и да покажат дека се спремни да застанат во одбрана и заштита на својата професија, за стопирање на клиентелизмот и на непотребните и нестручни вработувања, рече Тасевски. ар/нд/
Фото: МИА

Остани поврзан