• четврток, 19 декември 2024

Таравари: Единствена општина во светот каде што се вее ромското знаме е Општина Гостивар

Таравари: Единствена општина во светот каде што се вее ромското знаме е Општина Гостивар

Тетово, 8 април 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари и претседателот на Движењето Беса, Билал Касами по повод Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април одржаа средба со ромската заедница во Тетово. Таравари истакна дека како општини, Тетово и Гостивар постојано имаат активности кои се насочени кон подобрување на животот на ромската заедница.

- Денеска посебна чест и задоволство да се сретнеме со одредени ромски невладини организации. Денеска е Меѓународниот ден на ромската заедница и тоа е поводот и причина да се видиме со нив, да седнеме, да поразговараме иако во континуитет, двете поголеми албански општини Тетово и Гостивар секогаш имаме активности со коишто се надевам дека ги извршуваме нивните барања кои ги имаат на локално ниво. Јас често кажувам и се гордеам со тоа дека единствена општина во светот каде што се вее ромското знаме е Општина Гостивар. Исто така, во нашите кабинети имаме луѓе коишто се од ромската заедница, генерално за проекти, што се однесуваат за ромската етничка заедница, истакна Таравари.

Тој изрази надеж дека дека денеска како кандидат за претседател, но и генерално како коалиција „Вреди“ која ќе се натпреварува на парламентарните избори, од невладините организации ќе ги слушнат барањата и  проблеми коишто се битни за нив.

По повод Меѓународниот ден на Ромите 8 Април на јарболите низ Тетово е поставено и ромското знаме.  ас/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан