• недела, 22 декември 2024

Талибанците ги забранија сите шведски активности во Авганистан поради палењето на копија од Куранот

Талибанците ги забранија сите шведски активности во Авганистан поради палењето на копија од Куранот

Кабул, 11 јули 2023 (МИА) - Талибанската влада во Авганистан денеска нареди да се стопираат сите активности што ги развива Шведска во земјата. Причината е јавното палење на примерок од светата книга за муслиманите – Куранот – пред најголемата џамија во шведскиот главен град Стокхолм минатиот месец.

„По сквернавењето на светиот Куран и дозволата да се навредува муслиманската вера ... Исламскиот емират на Авганистан нареди да се прекинат сите шведски активности во Авганистан“, се вели во соопштението на портпаролот на владата на талибанците Забиула Муџахид.

Шведска нема активна амбасада во Авганистан откако талибанците ја презедоа власта во 2021 година.

Се очекува наредбата да влијае на активностите на невладината организација „Шведски комитет за Авганистан“, чии илјадници волонтери работат во сферата на здравствената заштита, образованието и руралниот развој низ целата земја.

Ирачки иселеник во Шведска минатиот месец запали копија од Куранот пред најголемата џамија во Стокхолм, предизвикувајќи гнев низ муслиманскиот свет.

Властите во Кабул не прецизираа кои организации ќе бидат засегнати од одлуката. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан