• сабота, 23 ноември 2024

Талевски: ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите за справувањето со дојавите за бомби во училиштата

Талевски: ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите за справувањето со дојавите за бомби во училиштата

Скопје, 7 март 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите во спроведувањето на мерките за справување со дојавите за поставени бомби во училиштата. Јавните настапи на претставници од оваа партија, кои повикуваат на непочитување на новите протоколи, е директно поткопување на дејствувањето на надлежните институции во борбата против хибридните напади, истакна на денешната прес-конференција во Собранието, пратеникот Миле Талевски од Пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Тој потенцираше дека безбедноста на учениците и обезбедување на непречен образовен процес се најважни, а новите протоколи за постапувањето изработени од експерти, се во оваа насока.

Како што рече Талевски, веќе четири дена наставата се одвива без прекин, а безбедноста на учениците и наставниците е загарантирана. Исто така, посочи тој, обезбедено е и соодветно присуство на полицијата во училиштата. 

Според Талевски, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ отвора сериозен сомнеж за нивната улога.

- Она што загрижува и што отвора сериозни сомнежи е деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, директно поврзани со поткупување на работата на институциите. МВР има сознание за тоа од каде доаѓаат дојавите, а покрај од трети земји, дел од нив се и од македонската територија. Дали ВМРО-ДПМНЕ на некаков начин е поврзана со внатрешните соработници? Дали ова се причините за ваквото деструктивно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, партија која е во целосно заложништво на Левица? Со своето крајно неодговорно однесување ВМРО-ДПМНЕ застанува зад хибридните напади, чија цел е создавање на немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните, додаде Талевски. бт/сп/

Фото: МИА

 

Остани поврзан