• петок, 22 ноември 2024

Схинас испрати писмо до еврокомесарот Вархеји - Албанија мора да се соочи со последици за случајот Белери

Схинас испрати писмо до еврокомесарот Вархеји - Албанија мора да се соочи со последици за случајот Белери

Тирана, 4 август 2023 (МИА) -  Потпретседателот на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас, испрати писмо до еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји во кое бара строг третман кон Албанија во врска со случајот "Белери", јави албанската агенција Балканвеб.

Схинас во писмото посочува дека Албанија, земја, која цели кон интеграција во ЕУ "мора да се соочи со последици доколку избраниот градоначалник Фреди Белери продолжи да го попречува  да ја преземе функцијата". 

Меѓу другото, во писмото се наведува дека апсењето на Белери пред изборите се толкува како  „заплашување на гласачите и дека неговото приведување е кршење на законската регулатива".

„Третманот на Белери од страна на албанските власти претставува повреда на презумпцијата на невиност и пречка за демократски избран претставник, кој е припадник на етничкото грчко малцинство во Албанија. Ова прашање е поврзано со резолуцијата на ЕУ од 2022 година за Албанија, за имотите на припадниците на  грчкото етничко малцинство, за кое не е доволно само да се следат случувањата, туку дека мора да се преземат активни мерки“, се наведува во писмото.

Фреди Белери беше уапсен два дена пред локалните избори што во Албанија се одржаа на 14 мај.

Иако во притвор, тој беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара, по што Централната изборна комисија го верификува неговиот мандат.

Бидејќи е во притвор тој се уште нема дадено заклетва, поради што општината е без градоначалник. 

Барањата за изрекување мерка куќен притвор за да може да ја обавува градоначалничката функција му беа одбиени од сите судски инстанци. Деновиве Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, поднесе кривична пријава до Специјалниот суд за организиран криминал и корупција против него за " изборна корупција".  вт/сд/

 
Фото: Белери Фб

Остани поврзан