Суд во Молдавија: Џорџе Симион не успеа да ги побие обвинувањата за врски со руски агенти
- Лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион, ја загуби тужбата што ја покрена против поранешниот министер за одбрана на Молдавија, Анатол Шалару, во која го обвини за клевета поради тврдењата дека Симион имал врски со руски агенти.

Кишињев, 10 април 2025 (МИА) - Лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион, ја загуби тужбата што ја покрена против поранешниот министер за одбрана на Молдавија, Анатол Шалару, во која го обвини за клевета поради тврдењата дека Симион имал врски со руски агенти.
Како што јави порталот Заире, Шалару објави на „Фејсбук“ дека молдавскиот суд го отфрлил барањето на Симион и ги прифатил доказите според кои лидерот на АУР бил прогласен за персона нон грата во Молдавија поради сомнежи за средби со руски агенти во Чернивци, Украина.
„Моите тврдења ги потврдија и заменик-директорот на украинската служба за безбедност (СБУ), советникот на (претседателот на Украина Владимир) Зеленски - Михајло Подољак и поранешниот премиер Влад Филат“, напиша Шалару.
Симион веќе неколку пати добивал забрани за влез во Молдавија. Последната забрана му е продолжена во февруари 2024 година за дополнителни пет години. Тој има забрана за влез и во Украина.
Случајот добива на значење во пресрет на претседателските избори во Романија, каде според анкетите, Симион е еден од фаворитите за вториот изборен круг.ссм/
фото: архива