• понеделник, 23 декември 2024

Судскиот совет одбележа 30 години од формирањето

Судскиот совет одбележа 30 години од формирањето

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска на свечена седница го одбележа јубилејот 30 години од формирањето.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева пред членовите рече дека актуелниот состав на Судскиот совет, иако нецелосен, е исправен на патот за унапредување на судството, за самостојно, независно и непристрасно судство како и судство ослободено од секакви влијанија и притисоци. 

-Верувам дека сега откако ќе ги имплементираме и препораките од извештајот на Оценската мисија на ЕУ на што работиме посветено, ќе имаме и повод и прилика да одбележуваме постигнат успех и напредок затоа што постигнатата цел е причина којашто ќе ја имаме и во други прилики за одбележување на работата на Судскиот совет, истакна Дамева.

Цврсто сум убедена, рече Дамева, дека овој состав на Судскиот совет ќе остави значајна трага од своето работење.

-Ниту еден состав на Судскиот совет не бил поприсутен во јавноста, а јавноста најнепосредно може да го следи работењето токму на овој состав на Судскиот совет. Се надевам дека во иднина Судскиот совет ќе биде видлив за јавноста, но не во негативна конотација, туку ќе биде видлив по позитивните чекори, активности и успеси што ќе следуваат, нагласи Дамева.

Таа потсети на историјатот на Советот, кој согласно Законот за Републички судски совет од 1992 година,  бил составен од седум членови кои ги има избрано Собранието на Република Македонија од редот на истакнати правници, од кои четворица биле од редот на судиите и тројца од други институции.  

-Претседателот во тој период се избирал од редот на членовите и бил со мандат од три години без право на повторен избор. Од донесување на овој Закон за Републичкиот судски совет се до 2006 година кога бил донесен новиот закон функционирале три состави на Републичкиот судски совет и тоа првиот состав бил избран на 16 јануари 1994 година со мандат од шест години до 3 февруари 2002 година. Прв претседател на Републичкиот судски совет бил Тихомир Беловски, а потоа Мугбил Бејзат.  Вториот состав на Републички судски совет бил избран на 3 февруари 2002 година и во овој состав претседатели биле Рафаел Черепналковски, а потоа Јордан Дескоски, потсети Дамева.

Третиот состав на Републичкиот судски совет, како што рече претседателката на Советот, бил избран на 23 септември 2003 година и претседател во овој состав биле Ленче Софрониевска до 2006 година кога бил донесен Законот за Судскиот совет на Република Македонија со кој се менува името на оваа институција од Републички судски совет во Судски совет на Република Македонија а воедно се менува и составот.  

-Според Законот за Судски совет на РМ од 2006 година Советот бил составен од 15 членови, од кои по функција членови на Советот биле претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, осум членови на Советот ги избирале судиите од своите редови, а тројца од избраните членови биле припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Тројца членови на Советот ги избирало Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што потребно било да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници коишто припаѓаат на заедниците, а кои не биле мнозинство во Република Македонија. И на крај, двајца членови на Советот предлагал претседателот на државата, а изборот го вршело Собранието на Република Македонија, од кои еден припадник на заедниците кои не биле мнозинство, истакна Дамева.

Првиот состав како Судски совет со мандат од шест години и во состав од 15 членови е избран на 15 ноември 2006 година. За претседател бил избран Бекир Исеими, а потоа претседатели биле Васил Грчев, Александра Зафировска...Во 2012 година во вториот состав претседатели биле Александра Зафировска и Зоран Караџовски, а во третиот состав претседатели биле Киро Здравев, Павлина Црвенковска, Сашко Георгиев и Весна Дамева. бк/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан