• недела, 22 декември 2024

Судот ги прифати мерките за претпазливост на ОЈО Скопје за багеристот

Судот ги прифати мерките за претпазливост на ОЈО Скопје за багеристот

Скопје, 2 јули 2023 (МИА) - Судот ги прифати мерките за претпазливост предложени од Основното јавно обвинителство Скопје, за 42-годишникот кој е осомничен дека вчера на улицата „Јордан Мијалков“, управувал мобилна машина „лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

- На обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена - пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала, се појаснува во соопштението на Обвинителството.

ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето, за кое постои основано сомнение дека сторило - тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

- За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост - забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, информираше претходно Обвинителството. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан