• среда, 11 февруари 2026

Судири меѓу белгиската полиција и прокурдски демонстранти во Брисел

Судири меѓу белгиската полиција и прокурдски демонстранти во Брисел

Брисел, 22 јануари 2026 (МИА) – Припадници на белгиската полиција синоќа во Брисел се судрија со група демонстранти учесници на протестите за поддршка на Курдите во Сирија.

Собирот се одржа на плоштадот Луксембург пред Европскиот парламент со цел да се изрази протест против сирискиот лидер Ахмед ал-Шара и нападите врз припадниците на курдската заедница во североисточна Сирија од страна на владините сили.

Мирниот протест ескалираше кога полицијата ги спречи демонстрантите да тргнат кон Турската амбасада во Брисел, при што дел од нив се судрија со полициските припадници.

Според полицијата, до судирите дошло кога демонстрантите почнале да фрлаат со камења и други предмети кон полициските припадници, при што се повредени неколкумина полицајци и се оштетени неколку паркирани возила.

Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите и да ги спречи да се упатат кон влезот на Европскиот парламент, се наведува во полициското соопштение.

Портпаролката на полицијата Илсе Ван де Кир во изјава за „Брисел Тајмс“ вели дека била неопходна „повремена употреба на солзавец за да се сопре толпата, за да се држи ситуацијата под контрола и да се спречи каква било ескалација“.

Протестот организиран од здруженија на курдската заедница во Белгија беше најавен како мирен собир со цел да се привлече вниманието на ЕУ на она што сириската Влада им го прави на Курдите, чии борци учествуваа во акциите на западните сили против припадниците на Исламската држава (ИД). сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан