• петок, 22 ноември 2024

Судан се соочува со криза со глад од историски размери, алармираат хуманитарните организации

Судан се соочува со криза со глад од историски размери, алармираат хуманитарните организации

Картум, 3 септември 2024 (МИА) - Агенциите за пружање помош денеска предупредија дека Судан се соочува со вонредна состојба со глад среде граѓанска војна, но меѓународната заедница воопшто не реагира на ситауцијата.

„Не можеме да бидеме појасни - Судан доживува криза со глад од историски размери. Молкот е заглушувачки“, се наведува во соопштението на Норвешкиот совет за бегалци и другите партнери.

Дали Судан го преживува тоа што експертите го опишуваат како глад е сложено прашање, но хуманитарните агенции веруваат дека светот не може да чека на официјална потврда пред да почне со дополнителна помош.

„Луѓето умираат од глад секој ден, а фокусот останува на семантичките дискусии и правните дефиниции“, се додава во соопштението.

Критериумите за прогласување криза со глад подразбираат дека четири од 10.000 деца умираат од глад секој ден или дека повеќе од 30 отсто од населението е неухрането. Ова е тешко да се одреди во конфликтни ситуации како Судан, каде што работата на хуманитарните организации е тешка и каде што не може да се допре до сите луѓе.

Раскараните ривалски генерали од април 2023 година се впуштија во брутална борба за власт во Судан. Во крвавите борби се раселени над 10 милиони луѓе и убиени се илјадници.

Производството на храна е сериозно погодено. Многу полиња се уништени, минирани или земјоделците се избркани, а добитокот е убиен. 

Според хуманитарните агенции, повеќе од 25 милиони луѓе, што е повеќе од половина од населението, немаат доволно храна.

Многу семејства јадат лисја и инсекти и имаат само еден оброк дневно, наведува Норвешкиот совет за бегалци. 

Апелите за донации достигнаа само половина од потребното.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан