• понеделник, 23 декември 2024

Судан пријави епидемија на колера, регистриран е 21 смртен случај

Судан пријави епидемија на колера, регистриран е 21 смртен случај

Картум, 27 септември 2023 (МИА) - Судан пријави епидемија на колера, со 18 смртни случаи од оваа болест во источната држава Гедареф и три смртни случаи во главниот град Картум.

Во Картум, 13 лица се хоспитализирани, со што вкупниот број на сомнителни случаи на цревна инфекција со бактеријата Вибрио се искачи на 265.

„Првите сомнителни случаи на колера се регистрирани во селото Катер, државата Гедареф, каде што бројот на сомнителни случаи на колера достигна 265“, се вели во соопштението на суданското Министерство за здравство.

Суданскиот синдикат на лекари вчера издаде предупредување за ширење на денга треска, колера, сипаници и маларија во земјата.

Невладиниот медицински синдикат ги повика „регионалните и меѓународните здравствени организации и телата на Обединетите нации да пружат помош“.

„Широкото ширење на денга треска и колера, а пред тоа и сипаници и маларија, ја потврдуваат кревкоста на здравствениот систем во земјите кои не се погодени од војна“, наведува Синдикатот.

Според Светската здравствена организација, епидемии на колера и денга треска се забележани во источен Судан, каде илјадници луѓе пребегнаа поради борбите меѓу армијата и Силите за брза поддршка.

Поради вооружениот судир, повеќе од 3.000 луѓе ги загубија животите, десетици илјади се повредени, а повеќе од пет милиони луѓе се раселени, а најголемиот дел од насилството е концентрирано околу главниот град. ссм/

фото: архива

Остани поврзан