• петок, 05 декември 2025

Судан ги прекина дипломатските односи со ОАЕ поради поддршка на паравоени сили

Судан ги прекина дипломатските односи со ОАЕ поради поддршка на паравоени сили

Картум, 7 мај 2025 (МИА) - Поддржаната од редовната армија, суданска влада ги прекина дипломатските односи со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), прогласувајќи ги за „агресорска држава“ и обвинувајќи ги дека снабдуваат стратешко оружје на паравоените Сили за брза поддршка (СБП), јавува весникот „Судан Трибјун“, повикувајќи се на владино соопштение.

Одлуката доаѓа по тридневни бомбардирања на Порт Судан - привремената административна престолнина на земјата, при кои биле користени стратешки и камиказе дронови. Според соопштението, цел на нападите биле нафтени капацитети, воздухопловната база „Осман Дигна“, аеродромот во Порт Судан, електроцентрала и хотел.

Владата соопшти дека нападите предизвикале „голема материјална штета“ и беа осудени од страна на Египет, Саудиска Арабија, Катар, Кувајт, Јордан, Џибути, Африканската унија (АУ) и Обединетите нации (ОН).

„Советот реши да ги прогласи Обединетите Арапски Емирати за агресорска држава, да ги прекине дипломатските односи и да го повлече суданското амбасадорско и конзуларно претставништво“, изјави министерот за одбрана Јасин Ибрахим по итната седница на Советот за безбедност и одбрана, со која претседаваше командантот на армијата Абдел Фатах Бурхан, кој раководи со Преодниот суверен совет.

Ибрахим истакна дека Судан го задржува правото да „одговори на агресијата со сите средства“ за да го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет, да ги заштити цивилите и да обезбеди хуманитарна помош.

Во соопштението на владата се наведува дека „повеќе од две години“ ОАЕ врши „агресија против суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста на Судан“ преку својот „локален агент - бунтовничката милиција СБП и нејзиниот политички поддржувач“.

На 5 мај Меѓународниот суд на ОН ја одби жалбата на Судан против ОАЕ, во која се тврди дека тие помагаат во извршување на геноцид во Дарфур со снабдување оружје на СБП. Судот оцени дека нема надлежност по тоа прашање.

Граѓанската војна во Судан, која започна пред повеќе од две години, се води меѓу СБП и редовната суданска армија. Двете страни се обвинети за воени злосторства.

Според Обединетите нации, конфликтот предизвика најголема хуманитарна криза во светот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан