• четврток, 19 декември 2024

Субвенциите редовно се исплаќаат, тврди Димковски, според Трипуновски не се исплатени сите

Субвенциите редовно се исплаќаат, тврди Димковски, според Трипуновски не се исплатени сите
Скопје, 13 јануари 2020 (МИА) - Субвенциите редовно ќе се исплаќаат без оглед на распишување избори и слично. Сто и десет милиони евра се ставени во буџетот и како оди динамиката така и ќе се исплаќаат. Значи, прво ќе се започне исплата на површини, потоа сточарство, пчеларство...Нема да има никаков застој во исплатата на субвенциите. Со годинашниот буџет за директни плаќања за субвенции се планирани 110 милиони евра. Само за овие две и пол години се исплатени над 335 милиони евра како директни субвенции и тоа опфаќа близу 100.000 земјоделски семејства. Ова вечерва го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во емисијата „Тренд анализа“ на ТВ 24 во која учествуваше и дополнителниот заменик-министер Цветан Трипуновски, кој рече дека не се согласува дека се исплатени сите субвенции и наведе случај со земјоделец кој не добил субвенции. Според Димковски, веќе нема селективна исплата на субвенции. - Денеска се исплаќаат во еден ден сите оние кои имаат комплетна документација. Делот во кој увидовме аномалии кои водеа кон корупција го тргнавме. Веќе луѓево не одат по штабови, по комитети да прават списоци, тоа се отргна, кога одиме на терен тоа се гледа, и тоа е еден голем чекор што администрацијата која работи на ова е департизирана од аспект дека нема никој обврска кон некого да го стави на список. Во овој момент функционираме така како што треба според законот, рече Димковски. Трипуновски рече дека неговата улога како дополнителен заменик-министер ќе ја употреби да превенира и спречи одредени злоупотреби и притисоци кон земјоделците, кои, како што посочи, изминативе две и пол, три години се случуваа речиси на секое ниво. - Моите законски овластувања ќе ги искористам во таа насока да бидам еден гарант дека на 12 април ќе имаме фер и демократска процедура и граѓаните, земјоделците да си го кажат своето мислење, дали се задоволни од овие политики кои ги води СДСМ или сакаат промена во овој сектор, истакна Трипуновски. Министерот Димковски потенцира дека годинава првпат тутутнот е издвоен, затоа што, како што рече, со носење на новиот Закон и со новата стратегија обврска е да се направи посебна програма за субвенционирање на тутунот и таму се одвоени пари, - Битна е и програмата за рурален развој каде влегуваат капиталните инвестиции. Само за локалните патишта каде општините аплицираат во 2019, 2020 и 2021 година се планирани 38 милиони евра. Други капитални инвестиции се инвестира се браните Конско, Речани, Оризовска Река, додаде Димковски. рп/хс/  

Остани поврзан