• сабота, 23 ноември 2024

Студентските домови што се во лоша состојба во 2023 ќе бидат вклучени во планот за инвестиции

Студентските домови што се во лоша состојба во 2023 ќе бидат вклучени во планот за инвестиции
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Дел од студентските домови се наоѓаат во добра состојба. Сепак, со министерот за образование Јетон Шаќири разговаравме за тоа оние студентски домови што се во лоша состојба, во текот на 2023 година да бидат вклучени во планот за инвестиции, што ќе опфаќа комплетно реновирање на санитарните чворови, и на се она што е потребно да се реновира, изјави премиерот Димитар Ковачевско одговорајќи на прашање на МИА во врска со неговиот став за студентските домови по денешниот увид на градежни работи на тунелот Кичево-Охрид. Тој напомена дека во добра состојба е студентскиот дом „Гоце Делчев“, во чие што реновирање и во чија што дигитализација, како што рече, лично учествувал од позиција на една од неговите претходни работни места. -А дали јас би го пуштил моето дете во Студентски дом - да, би го пуштил детето во Студентски дом, затоа што таму ќе научи како живеат децата од Македонија, кои секојдневно патуваат од други градови и се борат за својата иднина, да завршат факултет, да станат добри и достојни граѓани, а ја немаат привилегијата мама и тато да им готват трипати на ден топол оброк, и за време на паузите да сеат во топла соба, одговори Ковачевски. Според премиерот, студентски стандард не значи само студентски оброк. -Во студентски стандард спаѓаат стипендиите за добрите ученици од средните училишта, кои немаат доволно финансиски средства да студираат, и токму затоа ги изедначивме стипендиите. Студентскиот оброк пак, е воведен токму од оваа Влада. Ние студентите мора да ги почитуваме бидејќи тие се иднината за државата, појасни Ковачевски. Премиерот потсети дека бил вклучен во разговорите со студентите во однос на студентскиот стандард. Како што рече, главната дискусија започна во однос на студентскиот оброк. -Прво мора да се навратиме дека студентскиот оброк е воведен токму од оваа Влада, пред тоа немало никогаш воведен студентски оброк за студенти. И јас кажав дека студентите се тие кои ние мора да ги почитуваме и да ги слушаме, бидејќи се што правиме правиме за ни бидејќи тие се иднината на нашата држава. Студентски стандард значи и стипендии за добрите ученици од средни училишта коишто немаат доволно финансиски средства да студираат, и затоа оваа Влада ги изедначи стипендиите, рече Ковачевски. Како пример, потсети дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство додели дополнителни стипендии за студентите од Земјоделскиот факултет. Во однос на студентските домови, Ковачевски е дециден дека и опозицијата и претседателот на државата најмалку можат да зборуваат за оваа тема бидејќи ни едниот, ни другиот, никогаш не влегле во студентски дом, со оглед на тоа дека се од Скопје. -Јас можам да зборувам за студирање во Скопје, бидејќи секое утро во шест наутро со автобус доаѓав во Скопје. Предавањата и  вежбите траеја до 8 навечер, и во паузите кога нема каде да одите, одев кај Горан Георгиев од Берово во Кузман, кај Игор Георгиев од Дојран до кај Миле од Дојран во Кузман исто, кај Рашо во Кузман, од Кавадарци, кај Игор од Прилеп во Гоце Делчев, кај Горан во Медицинар, бидејќи кога имате три четири саати слободно, а немате каде да одите, а времето е вакво како што е денес, тогаш одите во Студентски дом. Така да, јас можам да зборувам, рече премиерот. cc/бт/  

Остани поврзан