• сабота, 23 ноември 2024

Струмица Никоб го стави 19. шампионски печат, а тренерот Ричлиев на секој од нив се потпишува

Струмица Никоб го стави 19. шампионски печат, а тренерот Ричлиев на секој од нив се потпишува

Струмица, 4 мај 2023 (МИА) - Одбојкарите на Струмица Никоб и во штотуку завршеното првенство уште еднаш потврдија дека се неприкосновени во македонската одбојка. Годинава го ставија 19-от печат на шампионските и куп титулите, а тренерот Кирил Ричлиев на секоја од нив се потпишува - на пет како играч и на 14 како тренер.

Со вкупно 27 победи, 19 во регуларниот дел и 5 во плеј-офот и само еден пораз, струмичани докажаа дека се квалитетен тим кој постигнува извонредни резултати на домашната одбојкарска сцена. Секој натпревар го одиграа одлично, со многу малку грешки и доминација на теренот. Заслужена и убедлива победа беше запишано после секој натпревар на одбојкарите на Струмица Никоб.

Само во последните десет години струмичките одбојкари освоија 8 двојни круни и секоја сезона докажуваат дека на далеку познатата струмичка школа, која влече корени од 1947 година, останува недостижна за конкурентите.

-Оваа сезона за прв пат учествувавме во Лигата на шампионите. Во реванш натпреварот против холандскиот Динамо победивме со 3:1 во сетови, но го загубивме златниот сет и не се пласиравме во наредното коло. Продолживме во Купот на ЦЕВ, каде имавме двомеч со хрватскиот претставник Мурса од Осиек. Дома бевме поразени со 3:2, а на гостувањето со 3:1. Сметам дека одигравме одлични четири меѓународни натпревари и многу успешно ја презентиравме македонската одбојка и градот Струмица, а со тоа и познатата одбојкарска школа на Струмица, вели Ричлиев.

Со одбраната на двојната титула струмичани повторно ќе учествуваат во шампионската лига.

- Мошне значајно е што покрај стандардните првотимци успеавме да промовираме повеќе млади таленти, кои во наредната сезона ќе ги покажат на дело своите квалитети. Се уште не се знае костурот за екипата за наредната сезона, но сигурно ќе имаме конкурентен тим, кој со успех ќе игра на два фронта - во Европа и во домашното првенство, смета стратегот на струмичани.

Одбојка почнал да игра во 1978 година заедно со брат му Васе во ОК „Струмица“, првиот македонски одбојкарски шампион и поранешен член на елитното југословенско одбојкарско друштво. По завршувањето на Факултетот за физичка култура, покрај активното играње, почнува со работа со најмладите категории одбојкари во Струмица, а еден период имаше и сопствена одбојкарска школа.

Тајните на одбојката ги пренесе на многу генерации. Од школата на Ричлиев излегоа многу поранешни и сегашни репрезентативци и интернационалци. Како и сега, и порано во македонската одбојкарска репрезентација настапуваат десетина негови одбојкари.

Неколку години беше тренер на репрезентацијата и му беше прв соработник на старо-новиот селектор Јошко Миленковски, како и селектор на младинската репрезентација.

Досега само на два пати, на кус период, заминувал од Струмица-еднаш како тренер на Косово и втор пат во Италија.

Двете деца на Кирил Ричлиев, синот Александар и ќерката Софија, продолжија по неговите стапки. Синот до пред две години настапуваше за ОК „Струмица“, а сега ја дели правдата на одбојкарските натпревари, додека ќерката успешно гради интернационална кариера, а моментно настапува во ОК „Брда“ од Сплит.

Рекордните шампионски и куп титули на сениорите успешно ги следат и помладите категории одбојкари. Младинците се третопласирани, кадетите се шампиони, а пионерите ќе играат финале и се очекува да запишат уште една шампионска титула во богатата клупска историја. рт/зс/

Фото: МИА архива и Струмица Никоб 

Остани поврзан