• сабота, 23 ноември 2024

Странските медиуми со осврт за инвестицијата од 500 милиони евра во ветерници

Странските медиуми со осврт за инвестицијата од 500 милиони евра во ветерници
Скопје, 13 октомври 2021 (МИА) - Најновата германска инвестиција од 500 милиони евра во ветерници на „WPD“ што вчера ја најавија премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анке Холтајн предизвика интерес кај странските медиуми. „Ројтерс“ оценува дека Владата на Северна Македонија прави сериозни чекори кон исполнување на зелената стратегија на ЕУ за целосна замена на јаглените електрани до 2030 година и напоменува дека оваа инвестиција е крупен чекор кон остварување на таа цел. - Ветерниот парк „Вирови“ е стратешки проект на Владата кој ќе помогне во транзицијата од производство на енергија доминантно од јаглен кон зелени извори, додавајќи 400 мегавати на планираните 700 мегавати, пишува „Ројтерс“. „Асошиејтед прес“ во објавата наведува дека Владата на Северна Македонија планира да обезбеди околу 1.500 мегавати од соларни електрани и околу 700 мегавати енергија од ветер. Американскиот „ABC News“ ја пренесува изјавата на премиерот Заев дека планираниот проект е најголемата германска инвестиција во земјата и најголема во областа на зелената енергија откако Северна Македонија прогласила независност. За инвестицијата објави и грчкиот весник „Екатимерини“. Инвестицијата беше најавена вчера како најголема директна гринфилд инвестиција во македонската економија. Станува збор за моќна електрана со 69 нови ветерни турбини која ќе произведува 1.335,95 гигават часови чиста електрична енергија годишно. Инвестицијата е на германската компанија „WPD“ вредна 500 милиони евра што ќе се реализира на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка. „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а со максимална примена и почитување на највисоките еколошки стандарди, ќе снабдува 290.000 домаќинства, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи. Ветерниот парк се очекува да биде завршен за шест години. Ќе се реализира во три фази. Во првите две фази ќе се инсталираат по 150 мегавати капацитет, а во последната 114 што е вкупно 415 мегавати. Премиерот Зоран Заев на вчерашната презентација оцени дека оваа инвестиција е придобивка од Законот за стратешки инвестиции. - Големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во Северна Македонија, истакна Заев на презентацијата. бак/ац/

Остани поврзан