• четврток, 07 ноември 2024

Сто години модерна Турција - по кој пат оди Ердоган?

Сто години модерна Турција - по кој пат оди Ердоган?

28 октомври 2023

Бета

Пред сто години, на 29 октомври 1923 година, Мустафа Кемал Ататурк ја прогласи Република Турција, секуларна, прозападна и, за тоа време, демократска држава создадена на урнатините на Отоманската империја.

Новиот долгогодишен неприкосновен лидер на Турција, Реџеп Таип Ердоган, нема намера да организира посебни прослави по тој повод, бидејќи неговата визија и патот по кој оди да ја води Турција се сосема различни од онаа на Ататурк. И засега во тоа успева со своите намери, пишува агенцијата ДПА, а пренесуваат германските медиуми.

Турција е основана по распадот на Отоманската империја. Ататурк наметнува промени и реформи во земјата на авторитарен начин, од врвот.

Земјата што тој ја создаваше не беше наследник на Отоманската империја, туку република свртена кон запад. Во 1930-тите, жените добија активно и пасивно право на глас, покрај арапската азбука, беше воведена и латиницата, а законот забрани носење фес, турбани и фереџе.

Култот на личноста поврзан со Мустафа Кемал, таткото на Турците, е жив и денес. Неговите слики висат во канцеларии, ресторани, станови, а многу Турци го носат неговиот потпис како тетоважа.

Меѓутоа, на многу Турци не им се допадна неговата строга секуларна политика, јасната поделба на државата и религијата. Некои малцинства, на пример Курдите, го гледаа како диктатор.

Религијата е префрлена во приватната сфера и тоа, според агенцијата, е една од причините за успехот на Ероган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП).

Ердоган се идентификува себеси со Отоманската империја, се претставува како заштитник на муслиманите ширум светот и го оживеа пантуркизмот, митот за единството на сите турски народи, отфрлен од Ататурк.

Но, пред се, тој повторно ја воведе религијата во политиката  и ги зајакна верските институции.

По доаѓањето на власт во 2002 година, АКП беше партија на најшироките слоеви, но денес е мегафон само на една категорија на општеството.

Според историчарите Гунтер Зајферт и Кристофер Кубашек, АКП денес претставува строго исламски, конзервативен дел од општеството - турската нација, а тоа создава сериозни тензии во земјата бидејќи се негираат верските, етничките и културните различности на Турција.

Поддржувачите на Ердоган ги гледаат работите сосема поинаку и велат дека само откако тој дојде на власт се чувствуваат слободни. Но, дејствијата на владата предводена од АКП против неистомислениците и критичарите покажуваат дека тоа е многу тесна дефиниција на поимот слобода, пишува агенцијата.

Со години, Европската унија укажува на падот на Турција во областите на демократијата, владеењето на правото, почитувањето на основните права и независноста на судството.

Tурција аплицираше за членство во ЕУ уште во 1987 година, доби кандидатски статус во 1999 година, а претпристапните преговори со Турција, кои започнаа во 2005 година, практично пропаднаа во 2016 година со затворено само едно од 16-те отворени преговарачки поглавја.

Во 2019 година, Европскиот парламент официјално одлучи да ги прекине преговорите со Анкара.

Амбасадорот на ЕУ во Турција, Николаус Мајер Ландрут, за ДПА изјави дека треба да се очекува дека Европската комисија во ноември, во годишниот извештај за напредокот на земјите кандидати за членство, ќе го забележи натамошниот пад на Турција.

„Никој во Турција по Ататурк не остави таков белег како Ердоган“, единственото нешто што Ердоган би го посакал е ново етаблирање на републиката, со сосема други знаци - многу поконзервативно, поблиску до земјите од Блискиот Исток, повеќе авторитарни и реакционерни, според политикологот Берк Есен од Универзитетот Сабанџи во Истанбул.

А во исто време, истакнува Есен, самиот Ердоган е профитер на политиката на Мустафа Кемал, таканаречениот кемализам и без него никогаш немаше да може да стане претседател бидејќи потекнува од семејство од пониска средна класа и само Ататурк создаде предуслови за општествено подем на таквите семејства.

Покрај тоа, АКП ги наследи и институциите и државната администрација кои својата сила му ја должат на Ататурк, а преку кои Ердоган ја спроведува својата политика денес. Судството и медиумите во голема мера се подредени на владата, а економијата и општеството се карактеризираат со клиентелизам и непотизам, изјавија Зауферт и Кубашек.

„А Ататурк беше се освен демократ... и фактот што Турција се збогува со него по сто години може да биде позитивен знак. Но, фактот дека ова простување се случува поради владеењето на нов силен човек не е добра вест“, напишаа тие во нивната книга со наслов – „Простување од Ататурк“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан