• сабота, 29 јуни 2024

Стојаноски: Мнозинството не гласаше за потребата за носење на закон за акцизите

Стојаноски: Мнозинството не гласаше за потребата за носење на закон за акцизите
Скопје, 7 јуни 2022 Почитувани, Мнозинството составено од СДСМ и ДУИ, денеска гласаше против потребата од носењето на Законот за акцизите со кој требаше акцизите на течните горивва да се намалат за 50%, како и Законот за ДДВ со кој се ослободува храната од ДДВ и се намалува ДДВ за течните горива од 18% на 5%. Што значат овие два закони за домаќинствата и транспортниот сектор. Еуросупер 95 е 110 денари, а 22 денари се акциза и 16,8 денари ДДВ. Според нашиот предлог, цената на литар еуросупер 95 ќе биде 86,3 денари од кои само 4,1 денари ќе се за ДДВ. Еуросупер 98 е 112 денари, а 22 денари се акциза и 17,1 денари ДДВ. Според нашиот предлог, цената на литар еуросупер 98 ќе биде 88,1 денари од кои само 4,2 денари ќе се за ДДВ. Дизел горивото е 102 денари, од кои акцизата е 15,5 денари, а ДДВ истотака 15,5 денари. Според нашиот предлог, цената на литар дизел гориво ќе биде 82,4 денари, од кои само 3 денари ќе се ДДВ. Ова е вистинското лице на оваа катастрофална коалиција која ја направи Република Македонија најсиромашна земја во регионот. Пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија не се откажува од можноста да им помогне на граѓаните и веќе на утрешната седница повторно по итна постапка ќе бара овие два закони да се разгледаат во надеж дека ќе се вразумат пратениците од ДУИ и СДСМ. Доколку нашите предлози заглават во собраниските лавиринти, ќе побараме и амандмански да се интервенира во Ребалансот со цел намалување на цената на горивата и ДДВ за основните прехранбени производи. Во оваа прилика, сакам да укажам дека како пратеничка група сме подготвени овие предлог закони да бидат предложени и од владеачките пратеници и истите веднаш да се најдат на собраниската комисија за финансирање и буџет. ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата ќе направи се што е потребно во интерес на граѓаните. Почитувани, Дозволете ми да Ви споделам одредени податоци. Износот на средства кои се планира да се приберат по основ на ДДВ и акцизи според Ребаланост е за речиси 190 милиони евра повеќе отколку за ланската 2021 година. Почитувани, овие 190 милиони евра повеќе ги плаќате поради драстично зголемените цени на основните прехранбени производи и горивата, а власта не размислува да се откаже. ДДВ од 5% на зејтин од 60 и 140 денари не е исто во апсолутен износ. Затоа државата ќе прибере повеќе пари, а вие ќе имате помалку артикли од претходно. Бојан Стојаноски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан