Столтенберг: НАТО помогна во ширењето на мирот, демократијата и просперитетот низ Европа
- Вашингтонскиот договор со кој пред 75 години е формиран НАТО има само 14 члена на неколку страници, но ниту еден документ со толку малку зборови не им значи толку многу на многу луѓе за нивните безбедност, просперитет и мир, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на свеченоста по повод 75-годишнината од формирањето на Северноатлантскиот пакт во неговото седиште во Брисел.
Брисел, 4 април 2024 (МИА) - Вашингтонскиот договор со кој пред 75 години е формиран НАТО има само 14 члена на неколку страници, но ниту еден документ со толку малку зборови не им значи толку многу на многу луѓе за нивните безбедност, просперитет и мир, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на свеченоста по повод 75-годишнината од формирањето на Северноатлантскиот пакт во неговото седиште во Брисел.
- Денеска ја славиме 75-годишнината од најсилниот, најтрајниот и најуспешниот сојуз во историјата. Во годините по Втората светска војна, стравот од уште една разорна војна беше реален. Така, на денешен ден во 1949 година, министрите за надворешни работи на 12 земји од Европа и Северна Америка, го потпишаа Вашингтонскиот договор. Ја создадоа нашата Алијанса. Таа го чуваше нашиот народ безбеден во долгите години на Студената војна, истакна Столтенберг.
Според него, по крајот на Студената војна, НАТО помогна да се завршат два брутални етнички конфликти на Балканот, по нападите од 11 септември во Њујорк и Вашингтон застана на првата линија во борбата против тероризмот, а од 2014 година и руската илегална анексија на Крим го презеде најголемото засилување на колективната одбрана.
- Денес НАТО е поголем, посилен и пообединет од кога било. На почетокот имавме 12 членови. Денес имаме 32 членки. Значи, мора да правиме нешто како што треба! Помогнавме да се шири мирот, демократијата и просперитетот низ Европа. И денес, исто така, славиме важни годишнини за многу наши членови, додаде генералниот секретар на Алијансата.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Столтенберг истакна дека на Европа и е потребна Северна Америка за заштита на нејзината безбедност, но во исто време и на Северна Америка и е потребна Европа.
- Јас не верувам во „само Америка“, исто како што не верувам во „само Европа“. Верувам во Америка и Европа заедно. Во НАТО. Затоа што, заедно сме посилни и побезбедни, заклучи Столтенберг.
Претседавачот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер порача дека на денешен ден пред 75 години сојузниците од НАТО потпишаа Договор за формирање на група на браќа и сестри.
- Почнавме како 12, а сега израснавме во Алијанса на 32 вооружени сили. Заедно ние штитиме повеќе од физичката безбедност. Ние колективно ги браниме слободата и демократијата, истакна Бауер.
Според него, изборот да се стави својот живот во служба на слободата е одраз на длабоко вкоренета желба да се биде дел од нешто поголемо, да се биде тука за другите, да се бориме за „Ние“ во светот на „Јас“.
- Кога цивилите бараат засолниште, воениот персонал реагира. Ние сме штит за невините. Ние сме тие што стоиме помеѓу слободата и угнетувањето. Таа задача, таа животна цел, е нешто што сите мажи и жени во униформа го споделуваат едни со други, истакна Бауер.
Тој нагласи дека низ Европа и Северна Америка 3,5 милиони мажи и жени во униформи формираат врска која е невидлива, но може се почувствува, затоа што тие се подготвени да ја направат крајната жртва и да бидат штит од агресијата.
- Во свет каде авторитарните режими очајно се обидуваат да демонстрираат на сила, а бруталната тиранија се стреми да ги одземе суверените права на народите и нациите, тој штит ни треба повеќе од кога било. Треба да му покажеме на светот дека за демократијата вреди да се бориме, рече Бауер.
Според него, демократијата можеби не е совршен систем, но сепак вреди да ги ризикуваме нашите животи за неа, бидејќи без правото на избор, без слобода и без владеење на правото неможеме да изградиме безбеден и просперитетен свет за нашите деца.
- Да се чуваат безбедно милијарда луѓе е тешка задача. Секој ден, сојузничките вооружени сили работат рамо до рамо во мисиите и операциите на НАТО. Секој ден, 32 нации избираат „Ние“ наместо „Јас“. НАТО во неговата срж е одбранбена алијанса. Ние сме најуспешната Алијанса во историјата, не поради некакво агресивно манифестирање на воена сила или поради територија што брутално сме ја освоиле. Ние сме најуспешната Алијанса во историјата поради мирот што го донесовме, земјите што ги обединивме и поради тоа што спречивме конфликти да излезат од контрола. Денес ја славиме нашата група од 32 браќа и сестри. Сојузници, разделени со океани, но обединети во нашата посветеност. Заедно сме посилни. Заедно сме побројни. Заедно сме НАТО, потенцира Бауер.
На церемонијата се обратија и министрите за надворешни работи на државите членки на НАТО кои годинава одбележуваат 25-годишнина од зачленувањето во Алијансата – Полска, Унгарија и Чешка, 20-годишнина – Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Словачка и Словенија и 15-годишнина – Албанија и Хрватска, како и на Белгија во својство на земја во која се наоѓа седиштето на Пактот.
Пред почетокот на церемонијата, Столтенберг и Бауер утрово положија венци на споменикот на сите припадници на НАТО што загинале во мисиите на Алијансата.
НАТО е формиран врз основа на Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година, како колективен безбедносен систем чии земји членки се согласуваат да се бранат меѓусебно од напади од трети страни. За време на Студената војна, Алијансата функционираше како заштита од заканата од поранешниот Советскиот Сојуз, но и по неговиот и распадот на Варшавскиот пакт, таа продолжи да постои на принципите на стратешките концепти на одвраќањето и заштитата на меѓународниот правен поредок, учествувајќи во воени операции на Балканот, Блискиот Исток, Јужна Азија и Африка.
Мотото на НАТО е Аnimus in consulendo liber (Разум неограничен во размислувањето). сп/
Фото: НАТО