• вторник, 12 ноември 2024

Столевска: Целта на „Engage“ е да се поттикне активизмот кај младите и да покажеме позитивни искуства од активисти

Столевска: Целта на „Engage“ е да се поттикне активизмот кај младите  и да покажеме позитивни искуства од активисти

Скопје, 9 јуни 2023 (МИА) - Целта на настанот за социјален активизам „Engage 2023“ кој денеска се оддржува во МКЦ во Скопје е да го поттикнеме активизмот кај младите и кај општата популација и да покажеме позитивни искуства на активисти кои веќе успеале да постигнат некаква општествена промена, благодарение на нивните ангажмани што ги имале изминатата година, изјави за МИА Теодора Столевска од Младински образован форум (МОФ) пред почетокот на настанот.

Во рамки на фестивалот, домашни и меѓународни активисти во присуство на младите луѓе зборуваа за родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика. Подоцна во текот на денот ќе се одржат креативни работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, а ќе има и настап на млади бендови од државата. 

Настанот е организиран од Младински образовен форум и Радио МОФ. Годинава учествуваат неколку активисти кои се имаат истакнато во земјава, во регионот и во светот. Секој од нив има различно искуство и различна област која ја застапуваат.

Поточно, учесници се активистката Kристина Ампева од „Гласен текстилец“, Нина Павичевиќ од Црна Гора, комуниколог и креатор на „kriticki“, Леон Шумански од „Гола планина колектив“, Викторија Хамет од САД, од организацијата „Gen-Z for Change“, Гералдина Гуера Гарсес од Еквадор, од фондацијата АЛДЕА, исто така Христина Божиновска Ѓикова од здружението „Млад знак“, но и активистката Аделина Тершани од Косово, која има и своја изведба на слем поезија.

-Ова е 12-то издание на „Engage 2023“. Идејата за фестивалот поттекна пред 12 години, кога многу малку беше застапен активизам во државата и генерално во регионот и во светот. Целта ни беше уште тогаш да го поттикнеме активизмот кај младите и кај општата популација и да покажеме позитивни искуства на активисти кои веќе успеале да постигнат некаква општествена промена, благодарение на нивните ангажмани што ги имале изминатата година. Така, секоја година го организираме „Engage 2023“ со истата цел, да поттикнеме активизам, потенцираше Столевска.

ФОТО/ МИА

Конференцијата, како што напомена, е поделена во три дела. 

-Првиот дел е „Engage the stage“ каде ќе имате можност да слушнете домашни и меѓународни говорници кои ќе го пренесат нивното искуство на темите: родова еднаквост, животна средина, човекови права, граѓански иницијативи и музика, „Engage the workshops“ каде ќе можете да се вклучите во една од креативните работилници за реупотреба на стара облека со техника на сито принт, техники за справување со стрес и дишење и како да преживеете на планина и „Engage the night“ каде ќе може да ги слушнеме и забавуваме со бендови од младата генерација дел од Гола Планина колективот до полноќ, посочи Столевска.

-Идејата на „Engage“ е дека само што ќе заврши ова издание, ние веднаш почнуваме да го организираме новото издание, затоа што внимаваме во текот на целата година кои активисти се истакнале, и гледаме да има што е можно поголем диверзитет, додаде Столевска.

Ивона Кузмановска, програмски директор на Младински образовен форум и координатор на настанот за социјален активизам, изјави дека целта е настанот да послужи како инспирација и мотивација на младите да станат активни чинители во нашето општество и притоа да придонесат за подобри човекови права, поголем број на младински активисти, но и да ги сменат работите на подобро во нивната локална заедница.

Изабела Јакимова, дипломирана актерка и модератор на настанот изјави дека е важно да се организираат вакви настани и да се зголеми нивната посетеност бидејќи се од големо значење за целото општество.

-Фестивалот е важен затоа што се зборува за важни теми, како што е феминизам, родови права, права на граѓаните, права на маргинализираните заедници. Важно е да се посетува фестивалот, за да се споделат различни мислења и ставови и да се направи одредена промена, која ќе биде од големо значење за сите, рече Јакимова.

 Настанот е поддржан од „National Endowment for Democracy“.бт/лв/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан