• сабота, 21 декември 2024

Стоилковски: Лага е дека е спречен криминал за поврат на ДДВ, исплатени се 22 милиони евра

Стоилковски: Лага е дека е спречен криминал за поврат на ДДВ, исплатени се 22 милиони евра

Скопје, 20 јануари 2024

Во рака држам документи за исплатени најмалку 22 милиони евра од УЈП по основ на поврат на ДДВ, а всушност се работи за криминал. 

Се работи за добро разработена шема на извлекување на пари по однос на поврат на данок на додадена вредност кои што се бројат во милионски суми евра. 

Но, овие документи докажуваат и дека Сања Лукаревска не ја говори вистината. Не е спречен поврат на ДДВ, како што тврди. Напротив, има загубени најмалку 22 милиони евра.

Без да должам, го отворам првиот случај. Ова се документи за случај АКТИКО ТЕКСТ.

Струмичка фирма регистрирана со 5.000 евра во април 2022 година, за трговија со текстил на големо. Основач е Зуле Кармзова, која по само три месеци има побарување до УЈП за поврат на ДДВ од 10,5 милиони евра, за увоз на стока од 50 милиони евра. Фирмата со толку стока потоа пријавиле само 3 илјади евра за данок, иако вредноста УЈП ја проценила на 8,5 милиони евра.

Кармзова, со 10,5 милиони евра поврат на ДДВ од купена стока на 50 милиони евра стока, одеднаш на 29 декември 2022 ја продава АКТИКО на Егзон Бериша од Косово. 

Фирмата менува адреса од Струмица во Визбегово, менува и име АКТИКО ТЕКСТ во ОКИТНА ТРЕЈД. Таа фирма за три месеци 2023та, искористува поврат на ДДВ нови 0,5 милиони евра за набавена стока од 14 милиони евра. И таа треба да плати 2,7 милиони евра, ама пријавиле 15 илјади евра данок.

За појасно, вкупно оваа фирма, од април 2022 до март 2023, искористила 11 милиони евра поврат на ДДВ, треба да плати 11 милиони евра данок за стока за која вкупно пријавила до УЈП само 18.000 евра. А во декември сменила сопственик, од Струмица на Косово, и адреса од Струмица во Визбегово.

Почитувани сега доаѓа интересниот дел.

Дури во јули 2023, УЈП сака да направи увид во книгите, но за Зуле Кармзова од Струмица фирмата е продадена и со неа приказната завршува.

УЈП не може да го најде новиот сопственик Егзон Бериша од Косово, ниту пак неговата документација. Според податоците што ги има, УЈП го бара преку МВР. А одговорот е следен: Егзон Бериша не постои, има друго лице со тој број на пасош, а тој во Македонија таа година воопшто не влегол. И УЈП констатира дека нема деловни книги, сметководство и дека фирмата со непостоечки газда должи над 11 милиони евра! Ама сега нема кој да плати.

Почитувани ова е само еден пример вреден 11 милиони евра исплатени, искористен поврат на ДДВ по криминална шема. Сања Лукаревска не говореше вистина дека се спречени обиди за криминал за поврат на ДДВ. 

Но, тоа што е спорно е зошто УЈП спиеле цела година? Нова фирма одеднаш пријавува поврат за енормни 50 милиони евра? Па не прашува зошто со стока од 50 милиони евра пријавува 15.000 евра данок? Не прашува зошто по само 8 месеци, со поврат на ДДВ фирма од 11 милиони евра – фирмата се продава? 

И најважното дали во УЈП воопшто се сетиле дека оснивачката на АКТИКО, Зуле Кармзова, која по три месеци работа побарува 10,5 милиони евра поврат на ДДВ, дали таа не е сопруга на Кармзов чија што фирма во јуни 2020 беше една од петте вмешани во ист криминален скандал, за 4 месеци извлечени над 5 милиони евра по основ на поврат на ДДВ? Значи стара шема, позната шема, со речиси исти играчи.

Прашање е што правела УЈП со Лукаревска? 

Како е возможно да нема аларм за толкави побарувања за поврат? И тоа од веќе за УЈП звучно презиме?

11 милиони евра за една година. А ова е само еден случај.

Ова докажува дека Сања Лукаревска не ја кажа вистината, УЈП нема спречено поврат на ДДВ на криминален начин. Напротив, лага е дека е спречен криминал за поврат на ДДВ: исплатени се 22 милиони евра пред носот на Лукаревска.

Почитувани,

Никогаш не било полошо, Важно е да ги поразиме.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

______________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото:  ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан