Стејт департмент: Рубио разговараше со саудискиот министер за надворешни работи за Јемен
- Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска разговараше со саудискиот колега, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд за тековните тензии во Јемен и регионалната безбедност, соопшти Стејт департментот.
Вашингтон, 30 декември 2025 (МИА) – Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска разговараше со саудискиот колега, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд за тековните тензии во Јемен и регионалната безбедност, соопшти Стејт департментот.
Обединетите Арапски Емирати претходно денеска соопштија дека ги повлекуваат своите преостанати сили од Јемен, откако Саудиска Арабија го поддржа повикот до силите на ОАЕ да заминат од тој регион во рок од 24 часа.
Саудиска Арабија денеска го бомбардираше јеменскиот пристанишен град Мукала поради, како што наведе, пратка со оружје наменета за сепаратистичките сили на Јужниот преоден совет (ПТС), која во Јемен пристигнала од ОАЕ, соопштија саудиски воени извори.
Министерството за надворешни работи на ОАЕ соопшти дека „споменатата пратка не содржела никакво оружје“, како и дека возилата кои биле истоварени во јеменското пристаниште Мукала, „не биле наменети за ниту една јеменска страна, туку биле доставени за употреба од страна на емиратските сили кои делуваат во Јемен“.
Граѓанската војна во Јемен трае од 2014 година, при што Хутите, кои ги поддржува Иран, го контролираат северниот дел на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана, откако ја принудија владата поддржана од Саудиска Арабија да побегне на југ, во градот Аден, но владата потоа беше принудена да го напушти и тој град, по напредувањето на силите на ПТС, кои ги поддржуваат ОАЕ. јт/