• петок, 22 ноември 2024

Стерјовски побара поголема ангажираност за изнаоѓање пазар за планинскиот чај од Пустец

Стерјовски побара поголема ангажираност за изнаоѓање пазар за планинскиот чај од Пустец
Тирана, 24 април 2020 (МИА) - Пратеникот македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на денешната седница на парламентарната комисија за европска интеграција побара од министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси, да помогне во изнаоѓањето пазар за планинскиот чај од општина Пустец. На седницата, која се одржуваше онлајн, а со која раководеше Рудина Хајдари,претседателка на комисијата, Стерјовски информираше дека земјоделците во општина Пустец последниве години засадуваат планински чај и во моментот се простира на површина од околу 25 хектари. Но, како што рече, тие не само што се соочуваат со многу пониска цена по килограм,од предходно, туку и со недостиг на пласман на истиот. -Последниве две години има проблем со продажбата на планинскиот чај. Цената е намалена, од 700 леки (околу 6 евра) за килограм колку што беше пред две години, на 100 леки, но има и недостиг на пазар и во последните две години останати се значителни количини на залиха на планински чај. Моето барање до министерот е да се ангажира за изнаоѓање пласман како во така и надвор од земјата, рече Стерјовски. Посочи дека ова нормално е и задача на министерството за земјоделство, до кое исто така побарал да се заложи за изнаоѓање пазар за планинскиот чај и решавање на овој проблем на земјоделците од општина Пустец затоа што ова е еден од главните извори на приход за земјоделци во општината. Министерот Клоси рече дека со заеднички напор со здруженијата на лековити билки и во координација со министертвото за земјоделство вложуваат напори за обезбедување одредени олеснувања што им се потребни. -Не сум запознат со конкретниот случај и затоа  не можам да коментирам за него. Но, ќе побарам информации од бизнис заедницата и ќе контактирам директно со пратеникот Стерјовски за да го информирам. Тие се автентични производи, тие се производи што сум ги видел сам. Повеќе пати сум бил со пратеникот во Преспа и сум видел не само планински чај, туку и жалфија и други лековити растенија за кои има голема побарувачка на албанскиот пазар и надвор од него, рече Клоси. Посочи дека одгледувањето на билки брзо се шири последните години во Албанија, од чија продажба се остварува приход од десеттици милиони евра.вт/бт/

Остани поврзан