• недела, 29 септември 2024

Стано: По завршувањето на истрагата за Бањска, ЕУ очекува сите страни да соработуваат во судскиот процес 

Стано: По завршувањето на истрагата за Бањска, ЕУ очекува сите страни да соработуваат во судскиот процес 

Брисел, 12 септември 2024 (МИА) - Европската комисија го поздравува фактот што косовското Специјално јавно обвинителство ја заврши истрагата за минатогодишниот напад во Бањска и достави релевантни податоци, изјави денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Европската Унија доследно и постојано го изразува своето очекување сите одговорни и вмешани во овој брутален напад да бидат опфатени со судски процес. Поднесувањето обвинение значи дека сега судската постапка ќе почне и, се разбира, го очекуваме завршувањето на овој судски процес, истакна Стано. 

Запрашан дали за оваа тема се разговарало на вчерашната средба на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчек со српскиот претседател Александар Вучиќ, Стано изјави дека Унијата обично не ја коментираме содржината на интеракциите со земјите партнери. 

- Но, не се потребни вакви средби за да ја изнесеме позицијата на ЕУ која е многу добро позната и беше повторено во неколку наврати од трагичниот ден од 24 септември минатата година. Очекуваме Србија целосно да соработува во истрагата за овој напад, па дури и ако е неопходно, исто така, да соработува за задржување на одговорните, истакна Стано, додавајќи дека ваквиот став и очекувања на ЕУ им се пренесувани на српските партнери во сите можни прилики. 

Тој додаде дека нападот во Бањска придонесе за ескалација на состојбата во Косово без преседан и затоа мора да има последици за одговорните. 

- Откако Судот во Косово ќе процени кој е виновен, кој е одговорен, кој е невин, тогаш ќе дојде времето за последиците, изјави Стано, нагласувајќи дека ЕУ има широк спектар на инструменти кои може да ги користи во консултација со земјите членки. 

Стано потенцира дека сега останува Судот да донесе пресуда врз основа на наодите на Обвинителството и дека ЕУ ќе го следи овој процес и очекува од сите да соработуваат доколку биде потребно. 

Запрашан дали ЕУ инсистира српските власти да го екстрадираат Милан Радоичиќ, кој е еден од осомничените за вмешаност во нападот, Стано изјави дека позицијата на Европската Унија е многу јасна и очекува Србија целосно да соработува со истрагата и поврзаните процедури за ова прашање. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан