Стадо крави синоќа уништуваше овошни и лозови насади во штипската викенд-населба Суитлак
- Жители на викенд-населбата Суитлак во Штип реагираат дека синоќа стадо на крави им ги уништувале овошните насади и лозјата. Велат дека проблемов е стар веќе пет години и дека нема ниту резулт
Штип, 18 март 2022 (МИА) - Жители на викенд-населбата Суитлак во Штип реагираат дека синоќа стадо на крави им ги уништувале овошните насади и лозјата. Велат дека проблемов е стар веќе пет години и дека нема ниту резултати ни мерки од институциите. Граѓаните додаваат дека се знаат и сопствениците на добитокот, кој е пуштен самиот да пасе низ нивите и лозјата.
МИА пред неколку дена информираше за овој проблем. Реагираа жителите на село Љуботен кои ги презентираа своите проблеми, односно штетите на житните култури, лозјата, овошните насади, сандаците со пчелни семејства, но и уништувањето на дворовите на нивните домови, цркви и гробишта. Сметаат дека им е направена штета од неколку илјадници евра, а пред неколку дена на терен излезе и проценител.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, побара трпение од страна на граѓаните, бидејќи проблем кој не е решен пет години не може да се реши за неколку месеци. Додаде дека надлежност за негово решавање имаат од Агенцијата за храна и ветеринарство и надлежните инспекциски служби кои, како што рече, треба да излезат на терен и да ги санкционираат сопствениците на крави што ги оставаат сами да пасат низ четири села и месноста Суитлак и Струмина Чешма во штипскиот регион. вдј/вј/