• петок, 22 ноември 2024

Стабилна е состојбата со сезонскиот грип, пикот се очекува на крајот на февруари

Стабилна е состојбата со сезонскиот грип, пикот се очекува на крајот на февруари

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) – Прилично е стабилна состојбата и е очекувано за овој период од годината да има пациенти со сезонски грип, но нема драматично отскокнување и болниците не се полни, соопшти д-р Злате Мехмедовиќ од Комисија за заразни болести во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.  

Случаи на Ковид има сѐ помалку, рече тој, а варијантите на грип се очекува да кулминираат на крајот на февруари и почетокот на март иако „не е секоја година идентична по однос на активноста на вирусите и нивната трансмисија“.

Во однос на пертусис (голема/стодневна/магарешка кашлица) кое е бактериско, а не вирусно заболување, во земјава има само два случаја, за разлика од Србија и во Црна Гора и особено во Хрватска каде со над пет илјади случаи ситуацијата е драматична и од каде што и почна да се шири болеста низ Балканот.

Дали може да се рашири кај нас откако наши граѓани се вратија од зимување во Србија, д-р Мехмедовиќ одговори дека пертусис не може да се добие на отворено, туку ако подолго време се престојува во една затворена просторија и дека обично заболуваат деца и тие што работат со нив – воспитувачи и учителки, а болеста е најсериозна кај деца од 0 до 2 години.  

Стабилната состојба со пертусис, според него, се должи на тоа што кај нас е многу подобра статистиката во однос за вакцинацијата со ДТП отколку во Хрватска.

-Ние сме, за среќа, само на два случаја и можеби тоа се должи на центрите за јавно здравје во државата и Институтот за јавно здравје и сериозниот епидемиолошки пристап во контрола на трансмисија на болеста и следењето на случаите. Иако се работи за мал број случаи, што ја олеснува ситуацијата, ние имаме извонреден начин досега на следење на сите контакти поврзани со случај што веќе е докажан како инфициран, со цел да се минимизира можноста за ширење на болеста, рече д-р Мехмедовиќ.

Д-р Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника, исто така рече дека не е зголемен бројот на пациенти со грип во клиниката и дека во специјалистичката амбуланта на Инфективна има 60-ина прегледи и доминираат вирусни инфекции.

Хоспитализираат по три-четири, како што рече, „еден ќе примите, двајца ќе испуштите“. Нагласи дека пациенти со ковид се сериозно возрасни и со сериозни хронични болести, а меѓу хоспитализираните со грип има и помлади, но и тие имаат и други потешки заболувања.

-Сите хоспитализирани не се вакцинирани за што треба постојано да се алармира додека не стане рутина за сезонските болести. Вакцините се достапни и тоа треба да биде рутина, истакна д-р Стевановиќ. хс/ев

Фото: принтскрин / „Топ тема“

Остани поврзан