• понеделник, 23 декември 2024

ССНМ: МПЦ-ОА да не создава паралелен судски систем за новинарите

ССНМ: МПЦ-ОА да не создава паралелен судски систем за новинарите

Скопје, 26 јануари 2024

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги толкува како непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.

ССНМ смета дека обвинувањата и „судската“ постапка (?!) во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња. Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи особено што со своето медиумско делување Марјан Николовски секогаш бил промотор и еден од главните, и најрелевантни информатори за состојбите во оваа, па и во другите религиозни групи во Македонија.

ССНМ во исто време ја повикува на будност и Извршната власт и соодветните институции да водат сметка и да го заштитат колегата Николовски, но и загарантираната слобода на изразување бидејќи на тој начин практично ги штити и интересите на граѓаните да бидат информирани од сите сфери, па и од религиозните.  

 

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан