• недела, 22 декември 2024

ССК одбележува 20 години од работењето

ССК одбележува 20 години од работењето

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) – Со промоција на проектот „Smart electricity building“ или „Изградба на интелигентни системи“ во кој се презентираат новини при изградбата на објекти и се она што е поврзано со зелена транзиција, заштеда на енергија, чиста животна средина, производство на енергија од обновливи извори на енергија, Сојузот на стопански комори на Македонија – ССК денеска ја одбележува 20-годишнината од основањето.

-Овој проект е оформен од 17 партнери од седум земји, Португалија, Шпанија, Италија, Австрија, Грција, Македонија и претставува пресвртница во изградбата на градежни објекти, изјави претседателот на ССК Трајан Ангелоски пред почетокот на првиот панел во рамките на проектот.

Тој нагласи дека проектот има три задачи – првата е истражување, односно претставување на моменталната состојба со кадри кои ги има на пазарот за овие интелигентни системи, втората е креирање на програма и третата е изградба на дуално образование или системи за образование на кадри кои ќе бидат потребни во следниот временски период при изградба на модерни објекти за заштеда на енергија.

-Деновиве повторно се соочуваме со неверојатно високи цени на електричната енергија. Затоа мораме да бидеме свесни дека заштедата на енергија ќе биде една од најдрагоцените работи во следниот временски период, рече Ангелоски.

Порача дека стопанството секогаш обрнува максимално внимание на трошоците, профитабилноста и рентабилноста на работата на компаниите.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека ја поддржува ССК затоа што, како што кажа, секогаш настапуваат со иновативни предлози кои треба  да значат забрзување на стопанскиот и на економскиот раст.

-Во овој проект дополнително има уште еден сегмент кој се однесува на дуалното образование, нешто што мислам дека е клуч за генерациите што доаѓаат и нешто што треба да даде нова можност за македонската економија. Тука ги вклучуваме и иновативните решенија во однос на начинот на градење и изведба на објекти. Како Влада стоиме на располагање со цел да дадеме поддршка на вакви иницијативи, истакна Николоски. вј/нд/

Фото: Министерство за транспорт

Остани поврзан