• вторник, 17 декември 2024

Српската Влада донесе мерки поврзани со Косово, поведена процедура за задолжителен воен рок

Српската Влада донесе мерки поврзани со Косово, поведена процедура за задолжителен воен рок

Белград, 14 септември 2024 (МИА) - Владата на Србија на денешната седница донесе заклучок со кој се усвојува пакет правни и економско-социјални мерки насочени кон заштита на правата на Србите и виталните државни и национални интереси во Косово, оперативен план за спроведување на одредени мерки во социјално-економската област, како и Министерството за одбрана да поведе процедура за задолжително служење на воен рок, јави дописникот на МИА од Белград.

- Мерките подразбираат силна дипломатска кампања на сите државни органи за заштита и борбата за почитување на правата на српскиот народ на подрачјето на Косово, кои се загрозени од едностраните и насилни потези на Албин Курти, поради што е неопходно враќање на статус кво, како основа за почитување на сите достигнувања на дијалогот, се наведува во соопштението на Владата.

Сетот мерки вклучува и силна финансиска поддршка за српскиот народ на подрачјето на Косово, преку доделување по 20.000 динари (околу 10.000 денари) месечно за 5.000 невработени и социјално најзагрозените корисници, бесплатни учебници за сите деца, надоместок за ужина за децата во предучилишното образование, основните и средните училишта, нови работни места, инфраструктурни проекти во форма на изградба и адаптација на нови куќи за српскиот народ во Косово и Метохија, се со цел системска поддршка за одржлив опстанок на српскиот народ на овие простори.

- Со цел заштита на виталните национални интереси на српскиот народ во покраината, ќе се формира Специјално обвинителство за гонење на злоупотреби и кршење на основните човекови права, узурпација на имот, загрозување на физичкиот интегритет и достоинство на српските граѓани на Косово и Метохија, се наведува во соопштението на Владата.

Со одлуката што денеска беше усвоена на седницата на Владата на Србија се потврди ставот за отпорноста на српските институции на подрачјето на Косово и Метохија, кои нема да биде згаснати, како и одлуката за незаконитоста на сите органи и институциите основани на територијата на Косово по незаконското еднострано прогласување независност и непостоењето на сите нивни акти кои се донесени или ќе бидат донесени.

Пакетот мерки и оперативниот план се обврзувачки за сите органи на државната управа, владините канцеларии, сите функционери, како и за преговарачите од српска страна во Дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Членовите на Владата донесоа и заклучок со кој се наложува Министерството за одбрана да ја поведе постапката за враќање на задолжителниот воен рок во траење од 75 дена. об/ми/

Остани поврзан