• понеделник, 23 декември 2024

Средношколците ќе се возат бесплатно и за време на летниот распуст

Средношколците ќе се возат бесплатно и за време на летниот распуст
Скопје, 11 јули 2022 (МИА) - Овој летен распуст околу 23.000 средношколци ќе може да го користат јавниот превоз бесплатно заради посетување дополнителна настава, часови по практична настава, како и за посета на културни, спортски или  други активности, одлучи Советот на Град Скопје на денешната 13-та седница.
Како што информираат од прес-службата на Град Скопје, бесплатниот превоз важи за сите ученици  од задолжително средно образование во средните училишта  под ингеренции на  Градот, како и за оние што учат во  државните средни училишта.
- Изминатите години бесплатниот билет им важеше само за време на учебната година, а за месеците од летниот распуст можеа да набават месечен  билет по повластена цена, од 600 денари за користење на сите линии, за еден месец, односно за јули или август. Со денешната одлука на Советот на Град Скопје ќе можат да се возат бесплатно, соопштуваат од Град Скопје.
Од Сојузот на средношколци ја поздравија донесената одлука и посочуваат дека Советот на Град Скопје ја донесе измената на Програмата на Градот за средното образование која обезбедува дополнителни 50 милиони денари за оваа ставка од буџетот со цел средношколците да се здобијат со бесплатен јавен превоз и за време на летниот распуст за да им се овозможи феријална пракса без дополнителни трошоци.
Како што додаваат, за оваа точка на дневниот ред „за“ гласаа 35 советници, а немаше ниту „против“ ниту воздржани. Оттука, како што посочуваат, Сојузот со радост констатира дека советничките групи во Градот Скопје го послушале нивниот повик да ја поддржат оваа одлука и истата да биде донесена со политички консензус.
- Убаво е да се види обединување околу младинските интереси и благосостојбата на средношколците.

Третото ветување на Сојузот полека станува реалност. Нашата работа со Клубот на млади пратеници продолжува. Усогласеното законско решение ќе обезбеди бесплатен превоз за секој средношколец во текот на наставната година, т.е. ќе ги вклучи тие од приватните училишта и тие коишто живеат на помалку од 2,5 километри. Исто така, ќе се обезбеди бесплатен превоз во текот на летниот распуст за тие кои посетуваат феријална пракса. Очекуваме предлогот на закон да биде внесен во собраниска процедура во септември, соопштија од Сојузот на средношколци. фф/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан