• понеделник, 23 декември 2024

Средба на Џафери со грчкиот министер Дендиас

Средба на Џафери со грчкиот министер Дендиас
Скопје, 31 август 2021 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Дендиас, во чиј фокус, како што информираат, биле билатералната соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување во иднина. Џафери, информираат од неговиот Кабинет, изразил задоволство од средбата, како континуитет на средби со високи државници од Република Грција. Според него, тоа се должи на чекорите што преземени од двете страни со потпишувањето на Преспанскиот договор, чија имплементација придонесе за членство на земјата во НАТО, во Јадранско - Јонската стратегија и имплементацијата на втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. -Согласно договорната рамка, билатералната соработка отвора голем број на можности и потенцијали за нејзино продлабочување. Ова особено дојде до израз во контекст на мигрантските текови и пандемијата предизвикана со вирусот Ковид-19. Претседателот Џафери упати благодарност за донацијата на Република Грција во рамките на мерките за надминување на вирусот Ковид-19. Во контекст на НАТО, тој ги издвои придобивките од техничките аранжмани за заштита на нашиот воздушен простор, се вели во соопштението. Истовремено, Џафери изразил очекување дека наскоро ќе бидат донесени ратификациите во грчкиот Парламент со кои се унапредува соработката во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите, како и реализацијата на директните билатерални посети на сите парламентарни нивоа со колегите од грчкиот Парламент. -Недобивањето на датум за одржувањето на првата меѓувладина конференција и неговото одложување има негативно влијание на перцепцијата кај граѓаните за евроинтеграцискиот процес и може пошироко да се одрази и на останатите земји во регионот, со оглед на фактот што земјата ги исполни сите потребни критериуми и тоа треба да биде што поскоро надминато, истакнал Џафери. Министерот Дендиас, се вели во соопштението, се заблагодарил за можноста да се сретне со Џафери, нагласувајќи ја важноста на институциите на претставничката демократија во унапредување на меѓусебната доверба и взаемните односи меѓу двете земји. Тој ја поздравил зголемената соработка во повеќе области, како резултат на Преспанскиот договор. -Република Северна Македонија и Република Грција имаат заедничка иднина во Европската унија и тоа е прашање на принцип за Република Грција, која активно ги поддржува легитимните европски аспирации на Република Северна Македонија. Од тие причини, се вложуваат континуирани напори за што поскоро надминување на предизвикот кој стои на тој пат, посочил Дендиас. Тој, се вели во соопштението, упатил апел до Џафери и колегите пратеници да продолжат да ја негуваат европската идеја меѓу граѓаните, бидејќи таа не е проект на една влада и една генерација, туку континуитет на споделување европски вредности на целиот континент и истата носи придобивки и за земјите членки и за земјите кандидати. На тој пат, Република Грција ја нуди својата целосна помош и поддршка, заклучил Дендиас. аа/бак/

Остани поврзан