• понеделник, 23 декември 2024

Средба на шефовите на дипломатиите на Берлински процес на 9 ноември, ко-претседавачи Османи и Захариева

Средба на шефовите на дипломатиите на Берлински процес на 9 ноември, ко-претседавачи Османи и Захариева
Скопје, 5 ноември 2020 (МИА) - Состанок на шефовите на дипломатиите од Берлинскиот процес за Западен Балкан ќе се одржи на 9 ноември во рамки ко-претседавањето на процесот од страна на Северна Македонија и Бугарија. Средбата на шефовите на дипломатиите ќе претходи на средбата на врвот на процесот на 10 ноември во Софија, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи. Поради ситуацијата со Ковид-19, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде организирана преку видеоконференциска врска, чиј домаќин ќе биде бугарското МНР. Ко-претседавачи на средбата во он-лајн формат се шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева. Во рамки на состанокот ќе се одржи пленарна сесија, на која ќе бидат разгледани можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан во контекст на мерките за изградба на доверба и за подобрување на регионалната соработка, вклучувајќи подобра поврзаност меѓу луѓето и инфраструктурата. Фокус на разговорите на министрите ќе биде темата за младите и граѓанското општество во Западен Балкан. Освен државите од Берлинскиот процес, на средбата во Софија он-лајн ќе се вклучат и претставници на Европската комисија, на Советот за регионална соработка и на Регионалната канцеларија за младинска соработка во Тирана (RYCO). По завршувањето на видео-конференцијата на министрите, ќе се одржи прес-конференција на двајцата ко-претседавачи Османи и Захариева во он лајн формат. Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, која почна во август 2014 година од страна на германската канцеларка Ангела Меркел. Учесниците во процесот се земјите од Западен Балкан - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини ко-спонзори и поддржувачи се неколку земји-членки на ЕУ како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија. нд/бк/    

Остани поврзан