• петок, 05 декември 2025

Средба на Сиљановска – Давкова со претставници на американската невладина организација „Data Foundation“

Средба на Сиљановска – Давкова со претставници на американската невладина организација „Data Foundation“

Скопје, 16 јули 2025 (МИА) – Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска оствари средба со претставници на американската невладина тинк- тенк организација „Data Foundation“, предводени од нејзиниот претседател Џејсон Барнет.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, преку претставувањето на Глобалната алијанса за единствен дигитален пазар на податоци, претставниците на „Data Foundation“ ја информирале претседателката за глобалната иницијатива за поддршка на малите и средни претпријатија на Западен Балкан.

– Претставувајќи ја Глобалната алијанса за единствен дигитален пазар на податоци, гостите ја информираа за глобалната иницијатива за поддршка на малите и средни претпријатија на Западен Балкан, со цел да се обезбеди поголема соработка во оваа област. Според нив, преку интероперабилната платформа на податоци, истите ќе можат да следат и споделуваат податоци за потрошувачката на енергија, водата, емисиите на јаглерод, согласно европските регулативи, стои во соопштението.

Претставниците на американската невладина тинк - тенк организација ја информирале Сиљановска – Давкова за потпишаниот Меморандум за соработка со Владата преку Министерството за енергетика, посочувајќи дека проектот е директно поврзан со исполнување на обврските од поглавјето „Животна средина и климатски промени“.

– Претседателката ја поддржа иницијативата и изрази став дека регионалниот пристап и соработка овозможуваат подобри резултати во заштита на животната средина. На денешната средба присуствуваа и претставници на македонскиот бизнис сектор, локални координатори во Глобалната алијанса за единствен дигитален пазар на податоци и универзитетскиот професор Илија Руменов, водечки правен експерт во Алијансата, се наведува во соопштението. ра/бак/

Фото: Кабинет на претседател на Република Северна Македонија

 

Остани поврзан