• петок, 22 ноември 2024

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Национална федерација на фармери

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Национална федерација на фармери

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со претставници на Националната федерација на фармери на која беше запознат со активностите и заложбите на организацијата, како и предизвиците со кои се соочуваат младите фармери во руралните средини.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, се разговараше за приоритетите на Националната федерација на фармери во чиј фокус, покрај земјоделството, е руралниот развој што опфаќа справување со предизвиците со кои се соочува руралното население, како што се сиромаштијата и ограничените пристапи до здравствени услуги, едукација, право и моќ на одлучување.

Претставниците на Националната федерација на фармери информираа и за преземените активности во насока на подобрување на условите на родовата рамноправност, како и регионално поврзување и комуникација со земјоделските здруженија и меѓународни организации и институции.

Претседателот Пендаровски, како што се посочува во соопштението, изрази поддршка за активностите на Националната федерација на фармери, особено за младите фармери и жените, како и нивно директно вклучување во развојот на земјоделството преку одлучување и активно дејствување. Во таа насока, на средбата беше истакната и потребата од вклучување на младите од руралните средини во процесите на креирање на политики за млади.

На средбата присуствуваа Васка Мојсовска, претседателка, Билјана Петровска Митревска, проектна менаџерка и претставници од младите фармери на Националната федерација на фармери, невладина и непрофитна организација која ги застапува земјоделците од сите региони на државата и сите земјоделски потсектори. дма/нд/

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

 

Остани поврзан