• сабота, 21 декември 2024

Средба на претседателот на Собранието Гаши со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Милер

Средба на претседателот на Собранието Гаши со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Милер

13 декември 2024

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска имаше средба со новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Лесли Милер. 

Претседателот ѝ посака срдечно добредојде на Милер и изрази благодарност за 30-годишното партнерство меѓу Република Северна Македонија и УНИЦЕФ. Тој нагласи дека од развојот и напредокот на децата зависи иднината на целата држава.  

Претставничката на УНИЦЕФ Милер се заблагодари за досегашната добра соработка со Собранието и го информираше претседателот дека во моментов во соработка со надлежните институции фокусирани се на неколку прашања, а тоа е измената на законската регулатива за образованието, законската рамка за правата на децата, како и поддршка во ревизија на Законот за семејство. 

Двајцата соговорници разговараа за препораките што Комитетот на Обединетите Нации за правата на децата ги издал за нашата држава, а кои можат да бидат добра основа за натамошно унапредување на законската регулатива и нејзината имплементација. 

Претседателот Гаши информираше дека во Собранието се формирани две Комисии со кои се опфатени прашањата за децата и младите, тоа се Комисијата за образование и Комисијата за социјална политика, демографија и млади, а формиран е и Клубот за младински прашања и политики, како неформално тело во Собранието,  чија цел е остварување на интересите на младите, во соработка со младинските организации и неформалните младински групи. 

Тој предложи во Собранието да се одржи јавна расправа за препораките на Комитетот на Обединетите Нации, по што низ еден инклузивен процес, во соработка со сите општествени фактори да се започне со суштински и одржливи реформи.  

Двајцата соговорници за наредниот период се согласија дека ќе ја интензивираат комуникацијата и заеднички ќе работат на градење на општествен консензус во интерес на правата и благосостојбата на децата. 

Собрание на Република Северна Македонија

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан