• понеделник, 23 декември 2024

Средба на пратеничката Марија Георгиевска со членови на Извршниот комитет на Данското европско движење

Средба на пратеничката Марија Георгиевска со членови на Извршниот комитет на Данското европско движење

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Пратеничката Марија Георгиевска, како претседателка на Пратеничката група за соработка со Кралството Данска, денеска во Собранието на Република Северна Македонија, остварила средба со членови на Извршниот комитет на Данското европско движење, предводени од Кенет Финсен.

Како што соопшти собраниската прес-служба, процесот на евроинтеграција на Северна Македонија била во фокусот на дискусијата на средбата со членовите на ИК на Данското европско движење, кои престојуваат во повеќедневна посета на земјава.

Пратеничката Георгиевска истакнала дека односите меѓу Северна Македонија и Данска ги карактеризира искрено пријателство, при што ги информирала присутните и за минатонеделната посета на Делегација од Комисијата за европски прашања од данскиот Парламент.

Данска, посочила Георгиевска, низ годините, има принципиелен став за поддршка на нашата земја во процесите на евроатлантската интеграција, што е од големо значење за Северна Македонија, која се соочи и се уште се соочува со специфични предизвици на патот кон ЕУ.

Георгиевска одговарала на прашања на гостите од Данска кои се интересирале за текот на скрининг процесот, за можностите за побрз старт на преговорите со ЕУ, како и за исполнувањето на критериумите кои се дел од тој процес.

Во врска со очекуваните уставни измени, Георгиевска посочила дека, иако има различни размислувања меѓу политичките субјекти во Парламентот во однос на тој процес, сепак, евидентна е заедничката цел за членство во ЕУ, за што се уште има и голема поддршка и од граѓаните, и покрај предизвиците со кои се соочува земјата на патот кон остварувањето на стратешката цел. дма/ац/

Фото:Собрание на РСМ

Остани поврзан