• понеделник, 23 декември 2024

Средба на потпретседателката Бендевска со Касандра Фернандо, претседателка на Групата за пријателство од Австралија

Средба на потпретседателката Бендевска со Касандра Фернандо, претседателка на Групата за пријателство од Австралија

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска денеска имаше средба со Касандра Фернандо, претседателка на Групата за пријателство со Република Северна Македонија во Парламентот на Австралија. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.

Како што информира собраниската прес-служба, Бендевска подвлече дека повторната посета на Фернандо е индикатор за силниот интерес за стимул и динамизација на односите меѓу парламентарците во двете држави. Особено, рече, радува фактот што на оваа позиција е жена, нов тренд кој треба да се поддржуваме и промовира во иднина, а тоа е зголемување на учеството на жените на клучни политички позиции и во процесот на донесување одлуки.

-Групите за пријателство кои се формираат во двата Парламента, се јасен показател за интересот на парламентарците и покрај географската оддалеченост, да соработуваат на теми од заеднички интерес, истакна Бендевска, додавајќи дека постои континуиран интерес за натамошно зајакнување на политичкиот дијалог и врските со Австралија на билатерален план, но во рамките на мултилатералните парламентарни организации.

Според неа, овој факт се потврдува со интересот за поголем интензитет на меѓусебна соработка формализиран со отворање на резидентна Амбасада на Австралија во Скопје.

Фернандо нагласи дека со формирањето на Групата за соработка во Австралискиот парламент се продлабочуваат односите меѓу двете држави. Ја нагласи особено значајната улога на дијаспората од Република Северна Македонија која брои над 100.000 жители кои придонесуваат во економијата и благосостојбата на Австралија, но во исто време се значаен мост кој ја намалува географската оддалеченост меѓу Австралија и Северна Македонија. Таа истакна дека нејзината визија како претседател на Групата за пријателство е Групата да ги обедини заедниците во австралиското општество и да поттикне реципрочни средби меѓу заедниците од сферата на културата, економијата, туризмот, образованието итн.

Генералната секретарка Димовска ја запозна Фернандо со работата на службата и улогата на жените во Собраниската служба на сите нивоа. Ја поздрави идејата за размена на искуства и добро практики меѓу службите на двата Парламента, осврнувајќи се на програмите за размена на искуства кои Собранието ги има воспоставено со Парламентите од Европа и пошироко.

Соговорничките се согласија дека Австралија континуирано нѐ поддржува во нашите напори за членство во Европската Унија, како што нѐ поддржуваше и на патот кон НАТО, со цел зајакнување и унапредување на либералните вредности на едно модерно демократско општество. Искажаа и уверување дека ова е прва од бројните средби кои следат на ниво на Парламенти во насока на потврдување, унапредување и развивање на билатералните односи кои ги негуваат двете држави во последниве 30 години. мч/нд/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан