• петок, 22 ноември 2024

Средба на Пендаровски со млади еко-активисти во пресрет на 28. Конференција за климатски промени

Средба на Пендаровски со млади еко-активисти во пресрет на 28. Конференција за климатски промени

Скопје, 27 ноември 2023 (МИА) -  Младите и климатските промени, иновациите, употребата на земјиштето како ограничен ресурс, националните планови за адаптација... ќе бидат во фокусот на 28. Конференција за климатски промени на ОН (КОП 28) која ќе се одржува од 30 ноември до 12 декември во Обединетите Арапски Емирати. На КОП 28 ќе учествува и претседателот на државата Стево Пендаровски, а на сесиите со делегации ќе учествуваат и министрите за економија и за животна средина, Крешник Бектеши и Каја Шукова.

Во пресрет на КОП, која годинава е посветена на заеднички акции и создавање нови механизми и начини за финансирање за намалување на влијанието од климатските промени, шефот на државата во соработка со претставникот на УНДП беше домаќин на млади активисти од седум еколошки граѓански организации за да ги слушне нивните идеи и препораки за глобалниот настан.

Претседателот Пендаровски ќе ја предводи државната делегација во која ќе има и експерти и ќе се обрати на 1 декември на КОП каде што ќе пренесе, како што рече, заокружен државен став во однос на темата на конференцијата.

Според Пендаровски,  со војната во Украина земјите во Европа се вратиле „чекор назад“ поради користењето јаглен, особено земјите од Балканот и нашата меѓу нив. Посочи дека потрошувачката на енергија се зголемува токму од изворите кои се најголеми загадувачи. 

-Руската инвазија врз Украина наруши неколку битни пазари на енергенти, не само на храна, и проблемот стана особено голем на европскиот континент. Од почетокот на војната во Украина, пред речиси две години, нема ниту една европска држава, од кои некои се најголеми загадувачи, кои не се вратија макар еден чекор назад кон фосилните горива... особено балканските држави и ние меѓу нив се вративме во значајна мерка кон јагленот... Влегуваме во втората зима од таа војна и она што го гледам од последните индикатори за потрошувачката на енергија во Европа е дека таа се зголемува и главно од тие извори кои најмногу загадуваат. Не верувам дека во следниот период, во наредните две, три или повеќе години ќе можеме да се вратиме на нивото на загадување или незагадување кое го имавме кога беше КОП 26, рече Пендаровски.

Посочи дека не е ни до половина наполнет Фондот за борба против климатските промени од 100 милијарди долари, формиран на претходните конференции КОП во кој големите земји треба да финансираат за малите и не многу развиени земји да може да менаџираат со климатските промени на нивна територија.

-До овој момент, помалку од половина е наполнет тој фонд. Значи, богатите тешко даваат пари и ресурси за помалку развиените и земјите во развој да може да ги стигнат тие таргети... Гласот на малите држави, дури и здружени, на овие теми слабо се слуша на овие меѓународни собири... Дебатата меѓу помалку развиените и повеќе развиените во делот на намалување на штетните гасови е во однос на тоа дали треба да бидеме подеднакво оптоварени... Земјите во развој не се согласуваат да бидат ставени во стриктни рамки како што тоа, велат, прилега за развиените, рече  Пендаровски.

Како што рече, останува да бидеме само гласни и дека „ние ќе бидеме гласни и овој пат“. Не е песимист од одењето на КОП 28, но, за жал, рече, „повторно ќе мора недржавниот сектор да ги турка и да ги критикува гласно националните влади, особено во државите кои можат најмногу да придонесат, а најмногу загадуваат“.

-Ако оставиме само на државните раководства нема да направиме голем исчекор. Проблемот со сите климатски конференции е дека на хартија некојпат и ќе постигнеме некакво задоволително ниво на консензус, а на ниво на имплементација сме блиску до нула, заклучи шефот на државата.

На дискусијата, насловена „Заедничка иницијатива за климатска акција, постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) Армен Григорјан истакна дека младите луѓе се важен дел од климатската акција иако тие се недоволно претставени во процесите на донесување одлуки. 

-Сепак, како што видовме во повеќе случаи минатите години – знаењето, енергијата и упорноста на младите луѓе предизвика глобално движење кое се бори за храбри климатски мерки, а младите станаа предводници на важни иницијативи. Затоа сакам да ви ја ветам нашата поддршка за вашата посветеност со справување со климатската криза и да ви кажам дека ние сме со вас во овој заеднички потфат, истакна Григорјан.

Порача дека УНДП ги става на располагање нивните ресурси, експертиза и соработка бидејќи, како што рече, „ ја препознаваме моќта на вашите иницијативи и влијанието што тие можат да го имаат врз обликувањето на иднината“. 

На средбата во Вила Водно учествуваа млади активисти од Сојузот на извидници на Македонија, „Еко свест“, „Гоу грин“, „На точак“, Македонското еколошко друштво, Националниот младински совет и „Милиеуконтакт Македонија“. 

Активистите ги акцентираа прашањата поврзани со климатските предизвици, ги презентираа своите тековни активности и претставија идеи и можни решенија со цел заедничко дејствување против климатските промени.

Меѓу презентираните идеи беше, на пример, површините на деградираните локации, поранешни рудници или индустриски зони, кои се погодни за обновливи извори на енергија,  да се трансформираат во фотоволтаични капацитети или идејата нефункционалната железничка инфраструктура да се  преобрази во велопатеки што ќе ги поврзува земјите од регионот.

Првата Конференција за климатски промени (КОП) е одржана во 1995 година во Берлин откако ОН претходната година ја донесе Конвенцијата за климатски промени. На КОП се водат најважните глобални  дискусии за климатски промени и се донесуваат најважни документи, како што се Протоколот од Кјото и Парискиот договор. хс/са/

Фото: МИА

Остани поврзан