• понеделник, 23 декември 2024

Средба на министерот Јетон Шаќири и ректорот на УКЛО-Битола, Игор Неделковски

Средба на министерот Јетон Шаќири и ректорот на УКЛО-Битола, Игор Неделковски

Битола, 3 октомври 2022 (МИА)Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола оствари средба со новоизбраниот ректор Игор Неделковски, претседателот на Сенатот на Универзитетот и деканите на универзитетските единици.

На средбата со академскиот аудиториум, министерот Шаќири беше информиран дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ новата академска година ја почнува со 1.100 новозапишани студенти.

-Како Универзитет почнуваме 43 академска година, иако некои универзитетски единици наближуваат кон 100 годишен јубилеј. Запишавме 1.100 бруцоши, што е благ пад на бројот на запишани студенти споредено со минатата година, но тоа се случува на сите македонски универзитети пред се заради демографските текови, како и отворањето на границите кон странските универзитети кои минатата година заради ковид-пандемијата не беа достапни за студенти од странство. Ние како Универзитет ќе бидеме задоволни доколку ја задржиме оваа бројка за запишани студенти во наредниот период, но посебен акцент во мојот мандат ќе дадеме на втор и трет циклус студии, односно магистерски и докторски студии каде има простор за развој, истакна ректорот Неделковски.

Според министерот Шаќири, успехот во високото образование може да биде поголем со заеднички ангажман на сите, а МОН ќе помогне за подобрување на условите за студирање.

-Чест е од Битола, од Универзитетот „Св.Климент Охридски“ да се честита новиот почеток и посака успех на студентите во новата академска година. Задоволство е што на сите универзитети во земјава со физичко присуство ќе се реализира наставниот процес. Во мојата агенда утврдена е намерата за посета на сите високобразовни установи, а изборот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ за прва институција е затоа што таа има дадено голем придонес во високото образование на нашата земја. Сите заедно, од новиот ректор и комплетниот наставен кадар, треба да се придонесува во успехот на образовниот процес, а ние ќе придонесеме за подобри услови за студирање, истакна министерот за образование и наука Шаќири.

Во текот на денот, новоизбраниот ректор, проф. д-р Игор Неделковски ќе посети повеќе универзитетски единици, членки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола. мт/сст/

Остани поврзан