• сабота, 06 декември 2025

Средба на министерот Тошковски со раководството на Факултетот за безбедност - Скопје

Средба на министерот Тошковски со раководството на Факултетот за безбедност - Скопје

Скопје, 24 јуни 2025 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил средба со раководството на Факултетот за безбедност - Скопје на која се разговарало за партнерството меѓу академската заедница и Министерството за внатрешни работи, насочено кон јакнење на институционалните капацитети и унапредување на полициската професија.

Како што информира МВР, Тошковски на средбата посочил дека со новиот Закон за внатрешни работи ќе се овозможи законска основа за вработување студенти од високообразовни институции со кои МВР има потпишано договор за соработка.

-Тоа ќе овозможи најдобрите млади кадри веднаш по дипломирањето да станат дел од безбедносниот систем на државата. Истовремено, разговаравме и за вклучување на стручниот кадар од факултетот во процесите на континуирана едукација и дообука на полициските службеници, како дел од долгорочна стратегија за унапредување на професионалните вештини и стандардите во МВР, потенцирал Тошковски. 

МВР во соопштението наведува дека дополнително, во рамки на подготовките за реактивирање на средното полициско училиште, се разгледала и можноста токму наставниот кадар од Факултетот за безбедност да придонесе и во едукацијата на идните полициски генерации.

-Двете страни се согласија - ова се конкретни, одржливи чекори што ја поврзуваат науката и практиката во интерес на посилна, обучена и модерна полиција во служба на граѓаните, информира Министерството за внатрешни работи. хс/лв/

Фото: Министерство за внатрешни работи

Остани поврзан