• понеделник, 23 декември 2024

Средба на министерот Тошковски со грчката амбасадорка Филипиду

Средба на министерот Тошковски со грчката амбасадорка Филипиду

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска имаше работна средба со амбасадорката на Елинската Република Софија Филипиду на која изразија задоволство од досегашната одлична соработка, со акцент на партнерството помеѓу двете министерства, кое изминативе години посебно за време на миграциската криза, но и периодот потоа се покажа дека е од голема важност.

-Добрососедските односи со сите соседи се од исклучителна важност, особено со јужниот сосед. На јужната граница имаме зголемена фреквенција на луѓе и стока, со оглед на тоа што огромен број од нашите граѓани во овој летен период од годината се упатуваат кон соседна Грција. Ќе сториме се да се најде начин за побрз проток на патници, запазувајќи ги притоа сите безбедносни проверки, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека е неопходно да се потпишат нови протоколи за соработка меѓу двете министерства.

Од страна на амбасадорката Филипиду, се посочува, беше реафирмирана поддршката што Елинската Република и ја дава на нашата земја во сите домени, особено во евроинтегративниот процес и беше изразена подготвеност за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување особено во делот на безбедноста и соработката против криминалот. вј/вг/

Фото: МВР

Остани поврзан