Средба на министерот Муцунски со заменик-премиерот и министер за надворешни и европски прашања на Луксембург, Гзавие Бетел
- За време на работната посета на Луксембург, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остварил средба со заменик-премиерот и министер за надворешни и европски прашања на Луксембург, Гзавие Бетел.

Скопје, 14 април 2025 (МИА) - За време на работната посета на Луксембург, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, остварил средба со заменик-премиерот и министер за надворешни и европски прашања на Луксембург, Гзавие Бетел.
Од Министерството денеска соопштија дека оваа билатерална средба претставува потврда за силниот интерес на Луксембург за Западен Балкан, како и за стратешката определба на нашата држава за интеграција во европското семејство и придонесот кон регионалната стабилност, безбедност и мир.
- Двајцата министри ги поздравија одличните пријателски односи меѓу двете земји и изразија заедничка заложба за интензивирање на политичкиот дијалог во наредниот период. Разговараа и за потенцијалите за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на економските и трговските односи, во насока на искористување на можностите за нови инвестиции, се додава во соопштението.
Министерот Муцунски упатил благодарност за поддршката од Европската Унија по трагедијата во Кочани, како и за континуираната и силна луксембуршка поддршка за европската перспектива на нашата земја, која се манифестира и преку поддршката на реформските процеси, техничката и експертската помош.
На средбата била потенциран и прогресот што државата го има постигнато во спроведувањето на реформите како и напорите државата да остане предводник во исполнување на реформската агенда. Министерот за надворешни и европски прашања, Гзавие Бетел, ја потврдил подготвеноста и поддршката на Луксембург за натамошно придвижување на процесот на интеграција на нашата држава во Европската Унија. цр/са/
Фото: МНРиНД